
Претседателката на Индија Друпади Мурму на вториот ден од официјалната посета на земјава, денеска заедно со претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе ги посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје, кадешто ќе се обратат на церемонија на откривање на биста на Махатма Ганди.
По церемонијата во Музејот на град Скопје, претседателката Сиљановска-Давкова и претседателката Мурму ќе се упатат кон Охрид, кадешто ќе го посетат манастирскиот комплекс Свети Наум, како и манастири и цркви во Стариот град на Охрид.
Вчера, на првиот ден од посетата на индиската претседателката заедно со владината и бизнис делегацијата, на средба во Вила Водно со Сиљановска Давкова, ги потврдија пријателските односи, заедничките вредности и заемната почит меѓу Македонија и Индија.
Претседателката на Индија, Друпади Мурму, е сигурна дека нејзината посета на земјата ќе отвори ново поглавје во билатералните односи и ќе ги зацврсти партнерствата меѓу Македонија и Индија, но дека ќе ги подигне и на едно повисоко ниво. Таа истакна дека сакаат да промовираат подобра трговија и инвестиции и да охрабрат подобра соработка помеѓу бизнисите од двете земји.
– Исто така, се согласивме билатералната трговија да ја прошириме двојно од сегашниот обем. Разговаравме за соработка во клучни сектори, вклучително (IT), земјоделство, обработка на храна, фармација, туризам, угостителство и аудиовизуелни уметности. Денeшниот бизнис-форум ќе биде одлична платформа за дискусија на овие прашања. Имаме меморандум за соработка во здравството, се договоривме да ја зајакнеме соработката во оваа сфера, особено во промоција на традиционалната медицина – истакна индиската претседателка.
Вчера попладне се одржа и Македонско-индиски бизнис форум, на којшто беа претставени можностите за инвестирање во земјава. Главната порака од форумот беше да се зајакнат трговските односи меѓу Северна Македонија и Индија со цел во следните пет години да достигнат барем 400 милиони американски долари во трговска размена, со што вистински ќе се реафирмираат односите меѓу двете земји.
Ова е прва посета на индиски претседател на државава.