
Нов случај на мачење на куче, повторно во Крива Паланка. Вчера на социјалните мрежи се појавија фотографии на кои се гледа како куче е врзано за автомобил и е влечено од автомобилот во движење. Случајот е на пат во околината на Крива Паланка.
Граѓаните револтирани бираат правда за животните кои се малтретирани од страна на сопствениците.
Неофицијално кучето е спасено, а надлежните го пронашле лицето-сторител.
- За среќа, благодарение на брзата интервенција на МВР и АХВ кучето е најдено, одземено, згрижено и е во стабилна состојба. Доколку некој сака да го вдоми, може да се отпочне со процедура следната недела додека да закрепне од траумата. Лицето кое го изврши ова грозоморно дело е идентификувано и против него ќе бидат преземени соодветни постапки и од страна на АХВ и од страна на МВР, се наведува во фејсбук објава.
Ова е втор случај, откако, во мај јавноста „се крена“ за кучето кое беше влечено од автомобил во движење на автопатот во Крива Паланка. Тогаш беше поднесена кривична пријава до 23-годишниот сопственик на кучето од Крива Паланка.