Врсниците ме натераа да мислам дека не вредам како другите - врсничко насилство, проблем на денешницата

Во Македонија половина од учениците на возраст пријавиле дека доживеале врсничко насилство во и околу училиштето. 

Во светски рамки, половина од учениците или 150 милиони, пријавиле дека доживеале насилство од врсниците, малтретирање и физички пресметки во и околу училиштето. Според Светската здравствена организација, 30 отсто од децата во земјава се изложени на запоставеност, а податоците на УНИЦЕФ велат дека 52 отсто трпат физичко насилство во домот.

Секое трето дете во средно училиште во Македонија било жртва на врсничко насилство, а секое второ било сведок на таков немил настан. Жртвите на врсничко насилство честопати не сакаат да им кажат на своите родители или наставници за лошото искуство. Причината за таквиот чекор е стравот од можноста и тие да бидат малтретирани или пак „оцрнети“ од соучениците. Анализите утврдиле дека овој вид насилство е поприсутен кај момчињата отколку кај девојчињата. Полициските анализи бележат рапидно зголемување на оваа негативна појава во земјава.

Врсничко насилство или т.н. булинг е секоја форма на непосакувано и агресивно однесување во училиштата, кое не застанува таму, туку продолжува да ги следи децата во домот, преку интернет мрежите, социјалните мрежи.

Жртви се момчиња и девојчиња, без оглед на етничко или социо-економско потекло. Најчесто жртвите се чувствуваат поразлични од групата врсници. За да се спасат од ваквото насилство, децата ги потиснуваат своите лични карактеристики со цел да се прилагодат на групата на врсници со што би се избегнал ризикот од булинг.