Врнежи и грмежи - еве какво време не очекува викендов

За време на овој викенд, нашата територија ќе се наоѓа под влијание на нестабилна воздушна маса, која особено во попладневните и во вечерните часови ќе условува нестабилно време на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, предвидува метеорологот Славчо Попоски. 

Локално, процесите ќе бидат ПОИНТЕНЗИВНИ и во форма на НЕВРЕМЕ проследено со пообилен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град. Максималните дневни температури на воздухот ќе бележат тенденција на незначителен пад и денес ќе се искачуваат во интервалот од 28 до 36 степени, утре ќе бидат малку пониски и ќе се искачуваат во интервалот од 24 до 33 степени.

Во Скопје и околината викендов ќе има услови за развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за локална појава на град. Максималната дневна температура во Скопје ќе се искачи до околу 33 степени денес, и до околу 30 степени утре. Доста нестабилно време со честа појава на врнежи и грмежи ќе се задржи и на почетокот од следната недела.