Времето си минува, а автобуси нема: Што се случи со огласот за приватни превозници?

Јавниот превоз во Скопје пола година е во колапс, откако беше раскинат договорот со приватните превозници. Јавното Сообраќајно Претпријатие (ЈСП) - Скопје ги презема линиите на кои сообраќаа приватните автобуси, но поради недостаток на возила дел од граѓаните се жалат дека со часови чекаат автобус.

Град Скопје во изминатите месеци распиша неколку јавни повици за избор на приватни превозници, кои беа неуспешни затоа што никој не се пријави на истите.

Меѓутоа на последниот јавен повик биле пријавени неколку фирми и понудите требаше да бидат отворени на 27 април, како што најавија од градот.

Иако поминаа речиси две недели откако требаше да бидат отворени понудите, сепак сè уште нема официјално соопштение од Град Скопје дали наскоро ќе биде надминат хаосот во јавниот превоз кој им создава главоболки на граѓаните на главниот град на Македонија.

Како што објави „Вечер“, избрани биле три фирми со кои учествувале приватните превозници на последниот јавен оглас за доделување на 16 автобуски линии, па сега се чека градоначалничката Данела Арсовска да стави потпис на договорите заедно со ЈСП.

На четвртиот јавен повик се бараа превозници за три пакети линии. Во првиот пакет беа линиите со броевите „23“, „45“, „61“, „63“ и „73“, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи. Вториот пакет се однесува на линиите „9“, „11“, „11а“, „12“, „47а“ и „55“, за чие опслужување се потребни се најмалку 39 автобуси и 83 возачи. Во третиот пакет беа опфатени линиите „19“, „20“, „22“, „52“ и „54“, за чие опслужување се потребни најмалку 41 автобус и 87 возачи.