Времето си го прави своето – од ден во ден пропаѓа еден од препознатливите трговски центри во Скопје

Трговскиот центар „Беверли Хилс“, лоциран во еден од најубавите делови од Скопје и некогаш едно од поомилените места на скопјани за шопинг и деловни активности, денес, според реакциите на граѓаните и закупците, е далеку од својата поранешна слика.

Граѓаните реагираат на зголемувањето на цената на паркинг-картата, иако станува збор за отворен и, како што велат, целосно руиниран паркинг. Посочуваат дека подлогата е оштетена, асфалтот уништен, а столбовите имаат пукнатини и висечки делови, поради што стравуваат дека е прашање на време кога би можело да дојде до оштетување на возило.

Закупците на деловен простор алармираат дека за краток временски период месечната карта за паркинг е зголемена од 1.500 на 3.000 денари, односно цената е двојно покачена пред околу еден месец. И покрај тоа, како што велат, условите останале непроменети.

„Хигиената е катастрофална, со години ништо не е реновирано или одржувано. Столбовите во паркингот имаат пукнатини, делови висат и претставуваат ризик. Асфалтот е оштетен, а при влегување со возило може да се направи штета“, наведуваат дел од закупците.

Наместо атрактивен и функционален трговски центар, објектот, според нив, денес е запуштен и неодржуван, со голем број празни локали кои „зјаат“ без закупци. И покрај атрактивната локација, граѓаните сметаат дека со години не е вложено во сериозна реконструкција и подобрување на условите.

Во разговор за Скопје Инфо, дел од сопствениците и закупците тврдат дека лошото менаџирање и управување во изминатиот период си го направило своето. Наместо средствата од наплатите да се користат за санација и унапредување на инфраструктурата, според нив, најголем дел од парите завршувале во плати и бонуси.

Дополнително, се поставува прашањето за транспарентноста во управувањето и наплатата, особено во делот на одржувањето на заедничките простории и паркингот.

Според извори на Скопје Инфо, надлежните институции за спроведување на законот веќе воочиле спорни процеси во работењето на трговскиот центар.

Редакцијата ќе побара официјален став од управата на трговскиот центар во врска со наводите за зголемување на цените, состојбата на паркингот, празните локали и управувањето со средствата.