Времето кога младите наместо со смартфони, се шетаа со вокмен во рацете – што ви фали од детството?

Колку се би било убаво, кога само за миг би можеле да се вратиме назад во едни убави, прекрасни, безгрижни денови. Денови кога насмевката беше присутна на нашите лица, времето кога никој ништо не очекуваше од нас. Времето кога единствена обврска ни беше да одиме на училиште, да се дружиме со другарите и да бидеме среќни...

Времето кога малку ни требаше за да бидеме среќни. Времето кога се задоволувавме со ситници. Времето кога сите бевме исти. Никој не се истакнуваше и докажуваше. Времето кога постоеше вистинско другарство. Другарство кое трае цел живот...

Ние тогаш немавме смартфони. Се шетавме во вокмени, а малку подоцна со дискмени во раце. Немаше дете кое немаше ваков уред. Во вокменот ја ставаш омилената касета, на ушите ги ставаш огромните слушалки и едноставно се препуштатш во она што го слушаш и уживаш. Како оди технологијата напред, така и после некое време излезе дискмен. Касетите тогаш се заменија со цедеа, а слушалките не беа толку големи, како оние на дискменот.

А пред ерата на вокменот и дискменот беше грамофонот. Не постоеше домаќинство во тоа време кое немаше еден ваков уред и еден куп грамофонски плочи. Верувам дека и денеска дел од нас ги чуваат некаде во подрумите.

Има мал милион работи кои фалат од детството а на кои се сеќаваме како 50 години да поминале.. 

Идење на флипери, собирање сликички секоја сезона за албумот на ЛШ. Фудбал или баскет секој ден после училиште во училишниот двор, па останување таму додека сонцето не зајде, играње по дожд, снег. Шок мастики, животински царство, чунга-лунга. Тетрис секое сабајле пред да се тргне во училиште.  Цртани од типот на Кире Бананамен, Грашкоград ,Були(црвено носе, тоа е Були),Штрумфови. Лего-коцки , колички на удирање ... Многу друштвени игри од типот на џамлии, долга магарица,жмурка итн ... Гледам Супер Бинго  е исто она што го одбележа минатото, на кое сите ние добро се сеќаваме...

Што заборавивме? На што се сеќавате вие? Што го одбележа вашето детство?