Времето денеска и утре ќе биде пеколно, УВ индексот ќе биде 9 – надлежните советуваат како да се заштитите

Времето денеска ќе биде претежно сончево и топло со услови за краткотрајна нестабилност во северните планински подрачја. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Температурата ќе се движи од 10 до 36 степени, а УВ индексот ќе биде девет. 

Надлежните советуваат како да се заштитите, доколку мора да бидете надвор:

1. Заштита од УВА зраците
Постојат два вида на опасни сончеви зраци – УВБ зраци, кои предизвикуваат црвенило и УВА зраци, чии опекотини не се гледаат со голо око и не се чувствуваат. УВА зраците навлегуваат во ткивото и предизвикуваат дегенеративни процеси на ќелиите на кожата што може да доведе до канцерогени заболувања. УВА зраците го оштетуваат системот за регенерација на кожата и имунолошкиот систем, и се главен фактор за предизвикување на алергија од сонце. Кога купувате креми за заштита од сонце, не е доволно само да водите сметка за заштитниот фактор (SPF) затоа што тој го означува само степенот на заштита од УВБ зраците. Обврнете внимание кремата што ја купувате да има ознака дека содржи соодветна заштита за УВА зраците.

2. Не се изложувајте на сонце многу време
Сенка од дрвата неможе доволно добро да ве заштити од сонце, ниту пак седењето во близина на вода. Сончевите зраци се многу јаки и рефлектираат во вода, преку облаци, на песок, на бетон но и на трава. Единствена добра заштита е добра сенка или пак во затворена просторија.

3. Заштитете ја косата од сонцето
Косата како и кожата е исто така изложена на штетното дејство од сончевите зраци. Сонцето го уништува квалитетот на косата со тоа што ја суши и ја прави тврда. Косата можете да ја заштитите со капа или со спреј наменет за заштита од прејаките сончеви зраци.

4. Внимание со лековите!
Дури 250 познати лекови предизвикуваат фотосензибилација, односно чувствителност на сонце. Доколку пиете некои лекови, задолжително разговарајте со вашиот лекар.

5. Заштитниот фактор (SPF) одберете го спрема вашата кожа
Заштитниот фактор (SPF – Sun Protection Factor) означува колку пати подолго можете да се сончате до појава на првото црвенило, а се однесува само на УВБ зраците. Доколку без никаква заштита добиете црвенило за 10 минути, со фактор 10 ќе добиете боја после 100 минути, што значи дека на сонце ќе може да останете 10 пати подолго. Со едноставен тест можете да одредита и колкава е толеранцијата на вашата кожа на сонцето. Сепак, бидете внимателни: вистинската вредност на заштитниот фактор делува само доколку кремата сте ја намачкале рамномерно на целата површина на кожата и во доволно дебел слој. И да повториме, SPF ве штити само од УВБ зраците и не гарантира заштита од УВА зраците.

6. Очила за сонце со УВ заштита
Очилата за сонце не се само моден детал па кога ќе купувате обврнете внимание на квалитетот на стаклото (пластика). Темните стакла имаат добра заштита од УВБ зраците, но ги пропуштаат опасните УВА зраци кои може да предизвикаат оштетување на видот како и катаракта. Затоа, очилата што ги купувате треба задолжително да имаат ознака UV400.

7. Заштитете го целото тело со крема
Кремата треба да биде рамномерно намачкана по секој дел од кожата. Обврнете внимание на вратот – ова е дел од телото кој луѓето често забораваат да го заштитат е е изложен на штетно зрачење. Исто така е важно слојот од кремата да биде доволно дебел. За да се заштитите ефективно од штетните зраци потребно е околу 30 грама од кремата.

8. Внимавајте на лузните

Лузните се осетливи на сонце и за многу малку време можат да изгорат, а доколку ја смени бојата многу лесно може да се претвори во флека која ќе ви остане засекогаш. Ова важи и за малите лузни настанати при каснување од комарци или од акни. Лузните на лицето можете да ги заштитите со течна крема со заштитен фактор, додека пак лузните на телото со креми кои имаат ознака „total block“.

9. Носете памучна облека
Шешир или капа која има додаток за заштита на очите се неопходни за да го заштитите лицето и ушите. Преферирајте да носите густо ткаена облека од памук. Исто така, постои и посебна облека која има висок фактор на заштита од УВ зраците.

10. Што доколку поцрвенете?
Доколку ви се случи да изгорите на сонце, не е доволно само да одите во сенка туку треба да одите во местото каде што престојувате. На изгорените места почесто треба да држите ладна вода или пак да облечете мокра мајца. Доколку се работи за изгореници од висок степен задолжително посетете лекар. Во секој случај, многу е важно да внесувате доволна количина на течности како вода, чај или пак овошни сокови.