Време ли е да се збогуваме со пандемијата?

По две години светот се подготвува да прогласи крај на ковид-пандемијата од која не беше поштеден никој, на директен или индиректен начин.

Пандемијата беше прогласена на 11 март 2020 година, а официјалното прогласување на нејзин крај не би било симболично, туку би значело целосно враќање на начинот на живот, актуелен пред пандемијата.

Кај нас изминатиот период дел од мерките за заштита од ковид беа олабавени, а се очекува да бидат укинати и маските за време на училишните часови, како и студентите да се вратат на физичка настава.

По две години пандемиска борба, иако, затекнати од нов светски предизвик – војната во Украина, светот ќе се ослободи од „корона“ стегите.

Нашиот познат епидемиолог Драган Даниловски во објава на својот фејсбук профил направи краток, но јасен пресек што конкретно кај нас ја одбележа пандемијата.

-Што заклучивме по две години пандемија? Дека имаме здравствен систем на стаклени нозе. Дека немаме стратегија за глобални кризи со голем број жртви. Дека немаме доволно медицински кадар и материјални ресурси за адекватен одговор при зголемен притисок врз здравствениот систем. Дека немаме капацитет за целосно спроведување на било какви мерки. Дека политиката е поважна од науката. Дека бизнисот е поважен од човечките животи. Дека лекувањето на болните од ковид е воглавно импровизација, зашто т.н. протоколи не се издигнати на ниво на законска обврска. Дека еснафските здруженија се мртво слово на хартија, пишува Д-р Даниловски.

-Пандемијава ни ја тресна в очи вистината дека сме живееле во општества-холограми, порачува тој.

Со овој негов став се согласија многумина. Враќањето на "старото нормално", ни од далеку не е доволно добро, порачаа голем дел од неговите следбеници алудирајќи дека, како општество ние потребен целосен ресет.