Време е за пролетно чистење во нашите животи

Пролетта официјално започна, времето полека се стоплува, а дел од нас ги подготвуваат летните алишта, ослободувајќи се од зимските.

Photo by JESHOOTS.COM on Unsplash

Но, дали сте размислиле дека тоа е понекогаш добро во нашите односи? Веројатно не.

Како социјални суштества, ние сме поврзани со другите луѓе и секогаш ни е важна поврзаноста. Но, со текот на времето, во својот живот задржуваме некои пријателства и врски кои едноставно не припаѓаат во времето во кое се наоѓаме.

Тоа не значи дека тие луѓе се лоши, туку дека некогаш едноставно не ни носат добра енергија и прават да се чувствуваме лошо, уморно, виновно. Веројатно и ние сме некому таква личност.

Тешко е да се носи сиот емоционален хаос кој ни го носат годините. Некои пријателства не успеваат да го победат тестот на времето, но ние продолжуваме да веруваме во нив, иако можеби ни носат тешки чувства. Не мораме засекогаш да ги оставиме тие луѓе зад себе, но мораме да се потрудиме да го средиме хаосот и да се посветиме на пролетно чистење.

Психолозите предлагаат да го замислите својот живот како градина. На пролет садите нови цвеќиња, а можеби се ослободувате од оние кои се суви и немаат потенцијал да пораснат во убави растенија. Така е и во животот. 

Прашајте се што ви е потребно за да го живеете животот како убава градина. Кои се состојките за успешни и среќни врски и пријателства? Дали го имате тоа во сите луѓе околу вас? Какви чувства ви носат луѓето кои се дел од вашиот живот во овој момент?

Кога го чистиме својот плакар, често се прашуваме зашто сме купиле одредено парче облека и колку ни е тоа потребно понатаму. Веројатно тоа може да ни помогне да замислиме и верзија од нашите постоечки пријателства во иднина. 

Не е воопшто едноставно да си дадеме одговор на овие прашања, ниту пак да направиме пролетно чистење во нашиот живот, како што го правиме тоа во домот. Но, треба да сфатиме дека тоа ни е потребно за да живееме со радост и нова енергија.

Овие техники се добри за нашето ментално здравје. Велиме дека хаосот и купот алишта и стари работи во домот не се добри за нашето здравје, а зошто не би било така и со луѓето со кои впрочем и минуваме многу време и комуницираме. Луѓето во нашиот живот влијаат на тоа каков концепт имаме за себеси, какви се нашето расположение и енергија и тн. 

Здравите односи меѓу луѓето се изградени на цврсти вредности, доверба и разбирање. Ако тоа не постои во едно пријателство или љубовна врска, тогаш дефинитивно е време за промени.