Новото, 17-то издание на фестивалот ОФФест ќе се одржува од 31 мај – 5 јуни.

Програмата и годинава вклучува актуелни и врвни имиња од Европа, Африка, САД и Австралија. Ќе се одржат десет концерти на три локации.

Jupiter & Okwess од Конго, ќе гостуваат по втор пат. Fighting Windmills се единствената домашна група, кои ќе се претстават со нов албум, со своја премиерна концертна промоција на ОФФест.

Dirtmusic се ол-старс група со Крис Екман (The Walkabouts), Хуго Рејс (The Bad Seeds на Ник Кејв) и Мурат Ертел (Baba Zula), и ќе се прикажат во едно психоделично-рок издание. Автентичните Officina Zoeод Италија со својот хипнотички транс.

Од Тунис, ќе гостуваат Ifriqiyya Electrique со шаманско-индустриски-електро ритуал. Ориентален рок со најдоброто од Турција – Gaye Su Akyol и нејзината група. Пополноќна afro-groove забава до утринските часови со DJ Mukambo од Белгија. Barmer Boys ја продолжуваат вековната индиска музичка традиција. Trans-Aeolian Transmission ќе приредат свој специфичен аудио-видео перформанс. И за затворање на фестивалот, африканската кралица – Уму Сангаре. Најголемата африканска пејачка, која доаѓа од Мали.

Во четири вечери (31 мај – 3 јуни), концертите ќе се одржат во Младинскиот културен центар. На 31 мај  и 1 јуни со почеток во 21:00 часот, а на 2 и 3 мај со почеток во 20:00 часот. Полноќната забава на 2 мај е со почеток после 24:00 часот во клуб „Епицентар“. Завршната вечер е на 5 мај во Македонската опера и балет со почеток во 20:30 часот.

Билетите за четирите вечери во Младинскиот културен центар се по цена од 500 денари за вечер. Билетите за концертот на Уму Сангаре во Македонска опера и балет се со цена 1.200 денари за галерија и 1.500 денари за партер. Билетите за полноќната забава во „Епицентар“ се со цена од 200 денари. Комплет билетите се со привлечна цена од 1.500 денари за девет концерти. Во комплетот билети не е вклучен само концертот на Уму Сангаре.

Резервација и продажба на билети во: Југотон рекордс, МОБ, МКЦ и онлајн на mktickets.mk.