Време е за нова фестивалска шема: Прва Festival to date шема со „Чисти раце“

За прв пат во регионот дистрибутерската и продуцентска куќа „Катавеј“ почнува со нов иновативен дистрибутивен модел наречен festival to date. Станува збор за премиерно прикажување филмови истовремено на фестивали и онлајн. Овој модел подразбира дека еден филм ќе биде прикажан истовремено во еден единствен ден и еден единствен час на одреден/и фестивал/и и на Video on Demand платформа.

Овој експериментален модел треба да создаде клима за проширување на потенцијалната публика за европски филмови. Исто така, новиот пристап може да им послужи на фестивалите како дополнителна маркетинг алатка за да допрат до што поширок круг на публика.

Првата проекција ќе се случи на 11 ноември во 17:00 часот со премиерно прикажување на холандскиот филм „Чисти раце“ на фестивалот на европски филм “Синедејс“ и на Меѓународниот филмски фестивал во Тирана, а истовремено филмот ќе биде достапен и на VoD платформата „Синесквер“ (Cinesquare).

„Чисти раце“ е криминална драма во режија на Тјебо Пенинг, а според истоимениот бестселер на холандскиот писател Рене Апел.

Прикажувањето го координираат „Катавеј“ и Филмскиот институт од Тирана.

Реализацијата на овој модел е дел од проектот на „Катавеј“ за нови дигитални форми за дистрибуција на филмот на Балканот. Станува збор за еден од 10-те проекти од вкупно 31 пријавени проекти за онлајн дистрибуција кои годинава добија поддршка од програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, специјализирана за развој, дистрибуција и промоција на филмот и аудиовизуелната дејност во Европа. Со тоа, „Катавеј“ онлајн и офлајн: нови дигитални форми за дистрибуција на филмот на Балканот“ е првиот ваков проект од Македонија кој добил финансиска помош од програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, која изнесува 58.000 евра.

Целиот проектот, кој ќе се реализира во соработка со партнери од Албанија и од Хрватска, е поддржан благодарение на евалуацијата на група надворешни експерти според пропозициите во повикот. Одлуката е донесена на база на квалитетот на проектот, позицијата во однос на другите пријавени проекти и расположливиот буџет.

Кон одлуката за поддршка на овој проект го приложуваме и мислењето од специјалистите од МЕДИА:

„ Проектот одговара на специфичностите на балканскиот пазар / празнина и се потпира на веќе постоечките модели тестирани во други територии. Пристапот е ефикасен, иновативен за тој регион, одржлив е и има транснационална димензија (се простира на

три територии со партнери на тие територии). Предложената стратегија за развој на публика сугерира дека овој пилот има потенцијал за создавање на додадена вредност со јасно дефинирани целни групи млади / семејства онлајн и офлајн.“