ВРЕДНИ ПРОНАЈДОЦИ: Откриени монети од времето на Александар Велики и Филип Втори (ФОТО)

Сребрена монета на Александар III Македонски откри тимот кој го истражува археолошкиот локалитет Маркова Кула, кај селото Корешница, во близина на Демир Капија. Таа е дел од педесетината монети што се откриени на овој локалитет за време на новите истражувања, а кои потекнуваат од раната антика, од доцната антика и од средниот век.

Истражувањата се во рамките на капиталниот проект за создавање прв Археолошки катастар во Македонија, а чиј раководител е Владимир Атанасов. Во организација на Управата за заштита на културното наследство, преку Археолошкиот музеј на Македонија, помеѓу планираните стотина стари градови и тврдини, деновиве интензивно се работи на локалитетот кај Демир Капија, кој деновиве го посетивме.

Фото: Монета Александар Трети Македонски, откриена кај Маркова кула

Како што истакна Атанасов, во текот на истражувањата, со методот на површинско рекогносцирање, тимот на Археолошкиот музеј на Македонија досега открил околу педесет монети, главно од три временски периоди. Од раната антика, доцната антика и од средниот век.

Фото: Монета Александар Трети Македонски, откриена кај Маркова кула

Според наодите на археолозите, новите откритија укажуваат на тоа дека локалитетот бил силна воена база за контрола на Демиркаписката Клисура.

Според Атанасов, се очекуваат уште сребрени монети од времето на Александар Македонски.Според него, отсуството на монетите на македонските кралеви Антигон Гонат, Филип V и Персеј, укажува дека во втората половина од 3 век н.е. и 2 век н.е. вниманието и активностите на овие кралеви се веќе дислоцирани во посеверните делови на територијата на Република Македонија. Истражувањата продолжуваат интензивно уште наредните две недели.