„Врба“ со номинација за најдобар меѓународен филм, Манчевски номиниран за најдобар режисер на фестивалот Рејнденс во Лондон

„Врба“ доби номинација за најдобар меѓународен филм, а Милчо Манчевски е номиниран за најдобар режисер на претстојниот фестивал Рејнденс во Лондон, најголемиот фестивал на независен филм во Велика Британија и еден од најголемите во светот. Жирито предводено од оскаровецот Џереми Ајронс ќе ги додели престижните награди во 8 категории, во секоја се номинирани по 3 филма, а „Врба“ доби номинации во 2 категории.

Настапот на Рејнденс, што ќе се одржи од 28 октомври до 7 ноември, е и британска премиера на „Врба“, чиј продуцент е и легендарниот британски продуцент и основач на „Вирџин рекордс“ Ник Пауел. Организаторот на фестивалот го издвојува „Врба“ како еден од хитовите на програмата, а ќе се прикаже во селекцијата Женски поглед.

Поради пандемијата на ковид-19, 28-от Рејнденс годинава ќе се одржи во хибридна форма, и онлајн и на живо во центарот на Лондон, со над 50 светски и британски премиери, а на 28 октомври ќе има гала отвореање со „Стардаст“ на Габриел Рејнџ за Дејвид Боуви и периодот кога тој го создаде Зиги Стардаст, еден од највлијателните и најславните негови ликови. Победата во конкуренцијата за краток филм на Рејнденс исто така носи и квалификација за Оскар и за наградите БАФТА. 

„Врба“, шестиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски, го започна своето патување со светска премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше забележан со исклучително позитивни критики. По македонската премиера, филмот играше в кино два и пол месеци и ги сруши рекордите на гледаност. „Врба“ беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, Синеквест во Калифорнија, Софија, Истанбул, Клуж-Напока, Сараево, Пекинг.

Минатиот месец, најпознатото филмско списание на светот „Варајати“ објави извонредна рецензија за „Врба“ насловена како „Врба: Суптилен, длабок портрет на мајчинството по кое се копнее, помножен со три“, во која меѓу другото се вели: „Три приказни за македонско мајчинство одекнуваат низ вековите во моќната, евокативна и прекрасно одглумена драма на Милчо Манчевски“.

„Врба“ ја освои и наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.