Вратена автентичноста на девет дуќани во Скопската чаршија

Со 30 милиони денари од Министерството за економија се враќа автентичноста на Старата скопска чаршија. Во соработка со општина Чаир и Здружението на занаетчии „Еснаф“ со овие средства предвидена е обнова на фасадите и излозите на 60 дуќани во чаршијата и враќање на ликот што го имале во минатото.

Министерот за економија Дритон Кучи, заедно со претседателот на Советот на општина Чаир Захир Бектеши и претседателот на „Еснаф“ Бејтула Морина, денеска беше во обиколка на дуќаните за да види како се одвиваат работите од првата фаза.

– Тука сум да видам како се одвива Проектот за уредување на излозите и натписите на дуќаните во чаршијата. Гледам дека девет се веќе завршени, а во иднина  треба да се финализираат сите 60 дуќани. За тоа ќе бидеме во постојан контакт со општина Чаир и здружението „Еснаф“, изјави министерот Кучи по обиколката на дуќаните.

Претседателот на Советот Бехтеши посочи дека станува збор за заеднички проект што општина Чаир го започна со Европската унија, а продолжува со Министерството за економија, кој има за цел унифициран изглед, натписи и фасади на Старата чаршија.

– Очекуваме на овој начин да се врати изгледот на Старата скопска чаршија, изјави Бехтеши и додаде дека покрај досега завршените девет дуќани во крајна фаза на обнова се и излозите и фасадите на уште девет други дуќани.

Претседателот на „Еснаф“ Морина нагласи дека во реновираните дуќани има елементи кои треба да го вратат автентичниот изглед на Старата скопска чаршија.

– Обновените дуќани имаат нови излози и квалитетно изработена фасада и верувам дека во идните 40 до 50 години ќе нема потреба од повторно нивно реновирање, рече Морина.

Посочи дека при обновата е земена во предвид и сугестијата од Националниот конзерваторски центар за секој дуќан да се обнови онака како што изгледал во минатото.

– Имаме слики како претходно изгледале дуќаните и ги  обновуваме според стариот изглед за да се зачува духот на чаршијата каков што бил во минатото, рече Морина.

Целта на Проектот за уредување на излозите и натписите на дуќаните во чаршијата е враќање на автентичноста и зачувување на културните вредности кои ги има Старата скопска чаршија, за кој дуќанџиите од Блокот 3.2., преку здружението „Еснаф“ на Старата скопска чаршија, можеа да аплицираат на јавен повик. Министерството за економија ангажираше проектантска куќа, која изготви техничка документација за конзервација, санација и адаптација на 60 дуќани во Блок 3.2. За секој дуќан е подготвен посебен проект во три фази, и тоа: претходен изглед на дуќанот, фактичка состојба и планиран изглед по интервенцијата за уредување на излогот. Притоа, не е само излогот опфатен во овој проект, туку и тендата, натписот на дуќанот и околното зеленило. Секоја интервенција беше координирана со самите дуќанџии, по претходно добиена согласност од Министерството за култура и Конзерваторскиот центар.

Според најавите од Министерството за економија, се планира во наредниот период да се врати стариот сјај на сите 700 дуќани во чаршијата.