Во време кога многу деца се сè повеќе поврзани со телефоните, а сè помалку со природата и земјата под нивните стапала, пролетта е совршена можност да се врати природата како извор на игра, учење и радост.
Photo by Daria Obymaha
Истражувањата покажуваат дека времето поминато на отворено не само што го подобрува физичкото здравје кај децата, туку и го зголемува нивото на фокус, креативност и емпатија.
За да ги инспирираме децата да ја засакаат природата, првиот чекор е да ја направиме природата достапна и забавна. Не е потребно патување до планина или национален парк, доволен е двор, парк, или патека покрај река. Она што е важно е искуството: да се почувствува тревата под нозе, да се набљудуваат инсектите или да се слушаат звуците на пролетта.
Вклучете ја љубопитноста. Наместо само „оди надвор да си играш“, понудете мисија: „Ајде да најдеме три различни видови цвеќиња!“ или „Што мислиш, од каде доаѓа тој звук што го слушаме?“ Со вакви игри и предизвици, децата се активираат како истражувачи и ја гледаат природата како свет што сака да се открие.
Создајте ритуали во природата. На пример, неделни прошетки во блискиот парк, пикник на сонце или читање книга под дрво. Децата ги паметат тие мали навики, и ги поврзуваат со чувство на безбедност и радост. Со текот на времето, тие не само што ќе го очекуваат тој момент, туку и самите ќе почнат да го бараат.
Photo by Allan Mas
Дозволете им да се извалкаат. Природата не е стерилна, таа е каллива, непредвидлива, понекогаш влажна или ветровита. Но токму таму децата учат слобода, доверба и граници. Пролетниот дожд не мора да значи крај на играта – може да биде нејзин почеток.
И најважно од сè – бидете со нив. Децата најчесто ја засакуваат природата не поради нејзината убавина, туку поради чувството на поврзаност и внимание кое го добиваат додека се во неа. Ако вие уживате, и тие ќе уживаат.