Врачени наградите Автомобил и СУВ на годината

Националното жири за избор на „Автомобил на годината во Македонија“ денеска по 25. пат ја врачи наградата Автомобил на годината на моделот што во текот на изминатата година пристигнал на македонскиот пазар, а според критериумите на Националното жири заслужува да ја добие наградата. Победникот, моделот опел корса беше прогласен уште во февруари, но поради корона кризата планираното свечено доделување беше одложено.

Членовите на Жирито доделувањето на наградите и признанијата го направија во салоните на победниците. За победникот опел корса врачена е стилизирана маска на ладилник, авторско дело на Валентин Ширилов направено специјално за Изборот на автомобил на годината во Македонија уште од 1995 година, а признанието СУВ на годината во Македонија за 2020 година го врачија за моделот тојота РАВ4.

-Во специфични услови за сите нас го заокружуваме овој 25-ти Национален избор на автомобил на годината во Македонија. Горди сме што најстарата манифестацијата од ваков вид останува препознатлива, а наградите што ги доделува примамливи за секој производител. Заедно со импортерите на возила го подигнавме изборот на повисоко ниво и со транспарентни правила и критериуми ја продолжуваме традицијата почната уште од 1995 година. Верувам дека и следниот период заеднички ќе придонесеме за препознавање и наградување на оние што навистина се најдобри, изјави Горан Антевски, претседателот на Националното жири за избор на „Автомобил на годината во Македонија“.