Вработените во Универзална сала која две години не работи, редовно одат на работа и земаат плата

Вработените во Универзална сала која две години не работи, редовно одат на работа и земаат плата оти работат на други проекти кои ги организира Градот, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од кабинетот на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

Во Универзална сала вработени се 22 лица и директор. Мината недела градоначалникот Шилегов ја смени директорката Вера Бошковска и на нејзино место го постави Филип Аврамчев. Како што објаснуваат од Градот вработените и директорот имаат обврски односно во текот на годината се со целосен ангажман реализирајќи проекти од програмата за култура на Град Скопје. Годинава тие работат на седум проекти.

„Јавната установа од областа на културата Универзална сала не функционира само во делот на изведбата на сценските активности. Вработените реализираат повеќе проекти, тешки повеќе од десет милиони денари на повеќе локации и во временски интервали кои опфаќаат по неколку месечна работа на секој од нив поединечно. За оваа година предвидени се седум големи проекти во вредност од 14,2 милиони денари кои веќе се одржани или се во тек подготовките за одржување. Така на пример дел од работната продукција на сите вработени и директорот ќе бидат фестивалите ‘Лица без маски‘, ‘Скопје креатива‘, изборот на улични музичари, новогодишниот базар, како и перманентната активност за промоција  на Скопје-Европска престолнина на културата и други“, велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.

Платите за вработените во концертната сала објаснуваат од Градот се обезбедуваат преку дотации од Министерството за култура кое ги префрла на Град Скопје, како што е за сите културни институции под надлежност на Град Скопје.

Универзална сала нема да проработи најмалку уште три години. Градоначалникот Петре Шилегов минатиот вторник најави дека рекoнструкцијата на салата ќе почне догодина. За финасирање на проектот Град Скопје потпиша договор со Министерството за култура. Шилегов при потпишување на договорот рече дека сеуште не е одреден проектот според кој ќе се гради салата и дека тој допрва ќе се доработува.

„Постојат три проекти за Универзалната сала меѓу кои што дел се неразработени, дел се изведени надвор од каква било постапка и процедура и за нив не се обезбедени финансиски средства. Ги доразработуваме проектите да го најдеме оптималното решение за изградба на салата. Откако ќе биде завршен градежниот проект ќе се знае колку ќе чини“, рече при потпишување на договорот  Шилегов.