Вработените во Македонска пошта два месеци без плата - од утре почнуваат со предупредувачки секојдневни протести

Вработените во Македонска пошта велат дека веќе два месеци нема исплата на плата. 

До нашата редакција пристигна информација од лице вработено во Македонска пошта, за неисплата на две плати за работниците и одлука за организирање на предупредувачки протест кој би се одвивал на секојдневно ниво. 

-Одборите на Синдикалните организации врз основа на сериозноста на состојбите во пошта, револтот кај вработените од неизвесноста за редовна исплата на плата, зачувување на нашите работни места и егзистенција на нашите семејства, согласно законските регулативи, донесе одлука за организација на предупредувачки протест во времетраење од 30 минути (за време на пауза), секој ден во сите подружници, започнувајќи од среда 19.10.2022 - информира вработеното лице.

Освен секојдневнииот предупредувачки протест, се најавува и генерален  протест со присуство на сите членови од подржниците. Поради работното време, велат дека денот на генералниот протест ќе биде закажан за ден од викенд (сабота или недела), а поради продолжениот викенд, дополнително ќе се прецизира дали протестот ќе се реализира овој или следниот викенд, со што во меѓувреме секој ден ќе се одржуваат предупредувачки протести во сите подружници.

Вработените нагласуваат дека протестот не се организира само за исплата на плата, туку како што велат, и за зачувување на работните места и зачувување на егзистенцијата.