Вработените повеќе нема да паркираат низ Автокоманда: Катна гаража на Пивара Скопје со 400 паркинг места

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски информираше дека денеска ја посетил Пивара Скопје каде присуствувал на пуштањето во употреба на новата катна паркинг гаража.

Како што посочи Стефковски, станува збор за значајна инвестиција вредна 2,8 милиони евра, со која се обезбедуваат повеќе од 400 паркинг места за вработените и значително се подобрува пристапноста, безбедноста и сообраќајната организација во рамки на производствениот комплекс.

„Како градоначалник на Општина Гази Баба, уште од првиот ден од мојот мандат јасно го застапувам ставот дека големите индустриски капацитети во Автокоманда треба да преземат одговорност и да обезбедат сопствени паркинг-простори за своите вработени. Со години наназад голем број возила се паркираа низ улиците и јавните површини во населбата Автокоманда, што дополнително го оптоваруваше сообраќајот и го отежнуваше секојдневното живеење на граѓаните. Затоа сум особено задоволен што оваа инвестиција на Пивара Скопје значи конкретно решение – вработените добиваат обезбеден паркинг, а населбата добива помал сообраќаен притисок“, истакна градоначалникот.

Воедно тој порача дека останува на ставот дека и останатите индустриски капацитети во Автокоманда треба да инвестираат во сопствени паркинг-простори, бидејќи, како што вели, тоа не било само прашање на комфор, туку и прашање на одговорност кон граѓаните и средината во која работат.

„Ваквите инвестиции се доказ дека успешниот бизнис и успешната локална самоуправа треба да се движат во иста насока – со инвестиции, одговорност и партнерство, нагласи Стефковски.