Возовите нема да сообраќаат додека не се доисплати платата за октомври

Штрајкот на вработените од Македонски железници ќе продолжи сѐ додека не им биде исплатен вториот дел од платата од октомври.

Машиновозачот Душко Чакаровски на прес-конференција соопшти дека железничкиот товарен и патнички сообраќај е во целосен прекин, а утринава сообраќал само патничкиот воз за Гевгелија, што бил управуван од вработен кој не се придржувaл кон договорот.

„Ќе протестираме додека не се исплати вториот дел од платата, а доколку тоа се случи денеска уште веднаш ќе се вклучиме во сообраќај“, истакна Чакаровски.

Додаде дека доколку до 25 декември не им биде исплатена и ноемвриската плата, повторно ќе штрајкуваат.

Вработените го повикуваат министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, да пронајде решение да се исплаќа платата во целост, како што впрочем и им било ветено уште во август.