
19-годишен мотоциклист им подлегна на тешките повреди здобиени во сообраќајна несреќа што синоќа се случи на „Пластичарска“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена во 22:21 часот на крстосницата меѓу булеварот „Никола Карев“ и улицата „Прохор Пчински“. Во судирот учествувале патничко возило „Ауди А4“, управувано од 31-годишниот Н.Х. од скопското село Визбегово, мотоцикл „БМВ“ управуван од 19-годишниот М.Ф. од Скопје и мотоцикл „Хонда ХДВ“ управуван од 21-годишниот Н.Б. од Скопје.
Во несреќата најтешко бил повреден М.Ф., кој со тешки телесни повреди бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде и покрај напорите на лекарите, тој подоцна починал.
По наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот Н.Х. бил лишен од слобода.
Порталот „Скопје1“ објави видео од моментот на несреќата.