(ВОЗНЕМИРУВАЧКА ФОТОГРАФИЈА) Хорор во Шутка: Едногодишно дете јадело виршли, па му се нафрлило куче и го искасало по телото и лицето

Дете на возраст од година ипол било нападнато и искасано од улично куче во дворот на семејниот дом во Шуто Оризари, информираат неговите родители, пренесува РомаПрес.

Според сведоштвото на семејството, кучето најверојатно влегло во дворот додека членовите на семејството биле на терасата. Детето во тој момент било малку подалеку од останатите. Кога мајката се обидела да го избрка кучето, животното, според нивното сведоштво, се нафрлило врз детето.

При нападот, детето се здобило со повеќе каснувања и повреди по телото, меѓу кои и во пределот на лицето, увото и трупот. Веднаш било пренесено во здравствена установа, каде што му била укажана медицинска помош.

Според медицинската документација, случајот е евидентиран како каснување од куче. На детето му била дадена вакцина против беснило, а лекарите препорачале продолжување на предвидените дози и примање антирабичен серум согласно медицинската проценка.

Случајот бил пријавен во полиција, а семејството ангажирало и адвокат.

Адвокатот на семејството, Ерман Исмаил за порталот „Слободен печат“ изјавил дека кучето уште било на улица и не било отстрането од службите. 

–Ваков случај не треба да се остави да помине незабележано, пред сè бидејќи детенцето има една и пол година и овој напад од кучето страшно му ја влоши здравствената ситуација. Додека седеле во нивниот двор и ручале, кучето преку оградата скокнало. Малечкиот јадел виршли. Мајката се обидела да го заштити детето, но кучето директно скокна врз детето и го распарчи. Кучето ја прерипува оградата, мајката почнува да го брка и кучето одеднаш гледајќи го детето дека јаде – го напаѓа. Доаѓа таткото и не може да го откачи кучето од лицето на детето – раскажал за „Слободен печат“ Исмаил.

ФОТО: РомаПрес