
Проблемот со јавниот превоз во Скопје не е од вчера! Поплаките не стивнуваат, а се чини корисниците на ЈСП, ако не на друго место, може на социјалните мрежи да го искажат својот револт, но истовремено и загриженост која треба да биде аларм за надлежните да се поправат некои работи.
Граѓаните очекуваат подобра организација, поголема безбедност и поквалитетна услуга од ЈСП, но и поголема лична одговорност, култура и почитување на јавниот простор од страна на патниците.
Еве дел од сведоштвата на скопјани за јавниот превоз:
- Јас повеќе пати сум видел во градски автобус каде дечишта нозете ги креваат на седишта со патичишта смрдени. Ако им речеш нешто веднаш се нафрлат со пцовки и навреди. А за нечистотијата, ниедна фирма не може толку да исчисти колку што нашиот некултурен народ може да извалка и расфрла ѓубре !
- Во Скопје мислиш кога влезат во автобус како во џунгла да се. Јадат, пијат, фрлаат отпад и се дерат и бутаат како да се нездрави. Се си зависи од нас самите, шоферот е шофер а не чистач. А секое утро автобусите се исчистени, па види сега до кој е неуредноста!
- Јас со години се возам и гледам дека секоја година е сѐ полошо. Со години пишувам, алармирам, пријавив по инспекции и ништо! Најтрагично е што сега, однапред плаќаме билети, автобуси нема, билетите пропаѓаат бидејќи мора алтернативен превоз да се обезбеди. Комплетна дива лига!
- Некако сите само постојано се жалат на другите луѓе, никој не поаѓа од себе самиот што направил со своите постапки за да биде ваква ситуацијата. И некако според коментариве делува како да не си ја сакаме земјава наша. Каква е таква е, ама наша си е и ние сите сме тие што придонесуваме за амбиентот.
- Начинот на кој возат шоферите? Во сите автобуси и во било кое време е исто: нагло тргнуваат и нагло кочат! Дали кога полагаат се гледа на ова, сепак возат луѓе, посебно деца, стари, може болни и инвалиди. А и да е здрав и млад човек па не може нон- стоп да одржува рамнотежа и да не падне како да е на даска за сурфање!
- Прво што треба да се среди во Скопје е возниот ред, редовноста на автобуските линии. Многу често може да се случи автобусот воопшто да не дојде или да доцни, па луѓето да доцнат на работа или училиште. На пример автобусот 15 А кој е наменет баш за средношколците од Аеродром за да стигнат до гимназија Орце или Никола Карев.
- Нема ни печатена мапа со сите автобуски линии, да знаеш со кој број автобус каде можеш да одиш, на која станица да се прекачиш...итн
- Автобусите на ЈСП недозволиво е да бидат цели облепени со рекламни фолии дури и прозорците. Патниците не се компири, ако не се во близина на вратата кога се отвара, не знаат на која постојка застанува автобусот.
- ЈСП е трагедија што чека да се случи и после да кажуваме вака требаше, така требаше. Хигиената иако е на најниско ниво, сепак е најнебитна во однос на безбедноста. Автобусите се престари, додека шоферите возат пребрзо. На секоја кривина имаш чувство дека автобусот ќе се преврти, зујат, бучат, некои едвај кочат. Се палат, чадат а секојдневно може да видиме некој останат дефект на некоја автобуска постојка. Автобусите ни се полни средношколци, не дозволувајте да дојде до катастрофа.
- За жал, јас ги користам услугите на ЈСП. Се е точно. Сум видела се и сешто. И како возрасни, некои од нив со помагала стојат, бремени жени итн. додека млади со ранци на грб спокојно си седат, некои и со кренати нозе итн. Нема точни распореди,автобусите кои ги чекаме и на кои се надеваме одеднаш се исклучуваат без никакво образложение, ако еден дојде на време, следниот обавезно нема да дојде...(конкретно линија бр.7)... Зиме ладно, во лето паѓаш во несвест од горештина... Јас повеќе време поминувам на автобуските станици и во автобусите отколку на работното место. Каква иронија!
- Нема никакви информации која е следна станица, нема клима не се редовни, ама за нечистотијата и тоа што автобусите се цели искршени и уништени тука најголема вина имаат токму патниците.