
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против вработен во Службата за општи и заеднички работи на Владата, поради сомнение дека сторил кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“.
Според Обвинителството, осомничениот работел како возач на висок владин функционер и во периодот од 24 јули до 4 септември 2026 година побарал 1.500 евра од граѓанин, ветувајќи дека ќе го искористи своето претпоставено влијание кај службени лица во Град Скопје за вработување по оглас за прием на пожарникари.
Случајот бил пријавен од граѓанинот, по што надлежните органи, во координација со обвинител, презеле мерки за обезбедување докази.
На 4 септември осомничениот бил затекнат при примопредавање на 500 евра, како дел од претходно побараните 1.500 евра. Парите, според Обвинителството, претходно биле обележани.
Обвинителот побарал притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото. Судија на претходна постапка го прифатил предлогот и на осомничениот му определил притвор во траење од 30 дена.
Од Јавното обвинителство ги охрабруваат граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на барање или понуда за поткуп и противзаконито влијание, нагласувајќи дека навремената пријава овозможува побрза реакција, обезбедување докази и поефикасно постапување на надлежните институции.