Возач на мопед се здобил со тешки повреди- 19 сообраќајки за три дена во Скопје

Возач на мопед се здобил со тешки телесни, а 12 лица со полесни повреди во седум од вкупно 19 сообраќајни незгоди случени во текот на изминатите три дена на подрачјето на СВР Скопје.

Од евидентираните 12 сообраќајки во петокот, во една со тешки телесни повреди се здобил возач на мопед, во шест полесно се повредени осум лица, а пет незгоди се со материјална штета.

Во саботата, пак, се случиле седум сообраќајни незгоди од кои во две полесно се повредени четири лица, а во пет е причинета материјална штета.

Како што информираат од СВР Скопје, вчера во Скопје не била регистрирана ниедна сообраќајна незгода.

Сообраќајната полиција санкционирала 58 возачи  кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, шест се исклучени од сообраќај за возење под дејство на алкохол, седум возачи поминале на црвено светло, 19 возачи го користеле мобилниот телефон при управување на возилото и 37 возеле со помината сообраќајна дозвола или без возачка дозвола. Затекнати биле 55 непрописно паркирани.

Санкционирани се и шест возачи на велосипеди со мотор, мопед и мотоцикл кои за време на возењето на пат не го носеле заштитниот шлем на глава.

Со помош на  специјалното возило „пајак“ отстранети се 47 непрописно паркирани возила.

Во рамки на сообраќајно воспитниот проект „Сообраќајна култура на децата во предучилишните установи“, Одделението за превенција денеска ќе реализира едукативни работилници со децата од средна и голема група во детските градинки „13 Ноември“ матичен објект и „Јасмин“ кои се наоѓаат на подрачјето на општина Центар.