Воспаление на мускули - превенција и лекување

Воспалението во мускулите може да биде резултат на три причини: замор, практикување на некоја необична активност и тренирање на само една мускулна група.

Кога е во прашање заморот, мускулите почнуваат да ве болат или за време на самата активност или непосредно по активноста. Доколку почувствувате болка направете мала пауза или префрлете го напорот на друга мускулна група.

Необичната активност опфаќа поширок поим бидејќи се однесува на сите активности кои на вашето тело му делуваат „необично“ бидејќи не сте ги правеле подолг временски период. На пример, практикување на некој спорт по подолго време, но и изведување некои вежби кои никогаш до сега не сте ги правеле. Воспалението се јавува од 12 до 72 часа по активноста. Дури и врвните спортисти можат да ги воспалат мускулите по интензивни тренинзи.

При активностите во кои повторувате едни исти движења оптоварувате една мускулна група. Особено ако подолго време не сте вежбале, голема е веројатноста да ги воспалите мускулите.

Воспалените мускулите (чувството на болка при движење) се доказ дека сте имале добар тренинг. Не е добро да имате пресилно воспаление, но доколку чувствувате блага тензија, тоа е добар знак.   Многу е важно да не ја оптоварувате мускулната група која ве боли. Доколку почувствувате болка во одредена мускулна група, одморете или веднаш престанете со вежбањето. Кога ќе почувствувате дека мускулите се одморени и спремни, веднаш „нападнете ги“ со нови интензивни вежби.

Денеска постојат две теории кои се однесуваат на појавата на воспаленија на мускулите. Едната се заснова на млечните киселини како нус производ од работата на мускулите. Друга теорија се микротраумите, односно при зголемувањето на физичката активност доаѓа до микрооштетувања на мускулните влакна.

Превенција и лекување

три важни совети ќе ви помогнат да го спречите или ублажите воспалението во мускулите по секој понапорен тренинг: 

Истегнувајте се по секој тренинг. 

Пијте чај од ѓумбир по секој тренинг. 

Загревајте се пред секој тренинг. 

Кога ќе почувствувате дека имате воспаление во мускулите, одморете, но најмногу еден ден, никако повеќе. Верувале или не, воспалението побрзо ќе исчезне со тренирање.