Вонредно прскање против комарци во Ѓорче Петров поради западнонилска треска

Општина Ѓорче Петров вечерва започна со вонредно прскање против комарци од земја, како мерка за намалување на нивното присуство и за заштита на населението од болести што ги пренесуваат овие инсекти.

Photo by Wolfgang Hasselmann on Unsplash

Мерката доаѓа во период кога во земјава се регистрирани 35 потврдени случаи и три суспектни случаи на западнонилска треска, вирусно заболување кое најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец.

Од Општината велат дека прскањето се спроведува со цел навремено да се реагира и да се намали ризикот за жителите.

„Реагираме навремено. Се грижиме за секое населено место. За побезбедно и попријатно Ѓорче Петров! Грижата за граѓаните е наш приоритет“, објави на Фејсбук градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Вонредното прскање следува откако е прогласена епидемија на западнонилска треска во скопските општини Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден.

Меѓу населените места каде што се регистрирани случаи се Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.