Волонтерите на ЕВН го расчистија и го осветлија дворот на „Куршумли ан“

Вработените во Корисничкиот енергоцентар „Васил Главинов“ на ЕВН организираа волонтерска акција во дворот на Музејот на Република Македонија во Старата скопска чаршија. Вкупно 25 волонтери во дворот на „Куршумли ан“ ги кастреа старите и оштетени дрвја и нараснатата трева, изнесуваа отпаден материјал, целосно го заменија оштетеното осветлување и ги бојадисуваа канделабрите и заштитните огради кај скалилата.

Програмата  „ЕВН волонтира“ ја почнаа вработените во ЕВН во 2017 година преку која реализираа 30 волонтерски акции и посветија 3.500 работни часови во унапредувањето на животот во локалните заедници.

Активностите се реализираа во сите градови и населени места, а во проектот досега се вклучија повеќе од 300 вработени. Тие се насочени кон реновирање училишта, градинки и установи за згрижување посебни категории граѓани, поправка на оштетена електрична инсталација, уредување јавни зелени површини, чистење и селекција на отпад, организирање едукативни работилници за деца, пренос на знаење, готвење.

„ЕВН волонтира“ воспоставува системско решавање на волонтерството во компанијата и има освоено две национални награди за најдобри општествено одговорни практики во државата за минатата година.