Волково од септември добива нова градинка

Во завршна фаза влегуваат градежните активности на градинката во Волково. Според динамиката на изведба, истите треба да бидат финиширани во јуни, информираше денеска градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски кој заедно со Ана Бјерде, потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија, висока делегација од Светска банка и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска извршија увид во објектот со интенција да биде пуштен во употреба во септември.

-Во разговор со министерката, добив ветување за брза реализација на согласностите за вработување за градинката во Волково, но и за објектот „Детелинка“ во У.З. Мирче Ацев кој е подготвен да прими околу 100-тина нови дечиња, информираше Стојкоски. 

Тој порача дека пуштање во употреба на нови капацитети е еден од начините за намалување на листите на чекање при упис на деца во градинките.

-Свесни сме за проблемот, но работиме со забрзано темпо кон подобрување на условите за дечињата во просториите за предучилишна возраст, дециден е градоначалникот.