Волково ќе добие кружен тек

Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху денеска присуствуваше и се обрати на почетокот на градежните работи на кружниот тек во Волково и реконструкцијата на патот од Волково до Кучково.

- Во името на Град Скопје сакам да изразам голема благодарност до Општина Ѓорче Петров и Агенцијата за поддршка на земјоделството и рурален развој за заедничкиот влог во реконструкцијата на патот од Волково до Кучково, како и за изградбата на кружниот тек во Волково.Со изградбата на овој кружен тек конечно се решава сообраќајниот хаос во Волково каде што во иднина ќе биде олеснето движењето кон последната станица на автобуската линија со број 22, која е една од најкористените линии во јавниот автобуски превоз во Скопје - рече Ваљон Салиху.

Тој додаде дека овој пат го користат секојдневно околу 10.000 жители на Општина Ѓорче Петров кои живеат и работат во Волково, Кучково, Никиштани и во Орман, но истовремено се олеснува и пристапот кон магистралниот пат кој води кон Косово.

- Остануваме посветени заедно со Општина Ѓорче Петров на развојот и унапредувањето на секундарната сообраќајна мрежа за да се обезбеди побезбеден сообраќај и одржлива урбана мобилност како императив кон кој се стремиме како единици на локалната самоуправа – кажа Салиху на почетокот на градежните работи на кружниот тек во Волково.

Со изградбата на кружниот тек во Волково и реконструкцијата на патот до Кучково ќе се зголеми и безбедноста на сите учесници во сообраќајот коишто ги користат овие сообраќајници.

На почетокот на градежните работи на кружниот тек во Волково присуствуваа и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски.