Волците почнаа да „мигрираат“ во населените места

Волците почнаа да „мигрираат“ во населените места барајќи храна. По првиот ден од Божиќ во скопското село Ракотинци биле задавени петнаесетина овци, преживеале само две, а помеѓу жителите се „населил“ и стравот, па, како што велат, по драматичната вечер, ретко кој излегува надвор во вечерните часови.

Дека стадо овци биле нападнати од штетен дивеч потврдуваат и од скопската полиција, во чиј записник стои дека настанот се случил помеѓу 20 и 8 часот, ноќта од седми кон осми јануари. Случајот го пријавил сопственикот на овците, кои биле нападнати во трлото што се наоѓа во неговиот двор, пишува Нова Македонија.

- Не знаеме за колку волци станува збор, претпоставуваме дека биле во поголем број бидејќи настрадаа петнаесетина овци на соседот. Мислам дека доаѓале повеќепати, бидејќи една вечер пред овој настан и јас самата во дворот забележав траги од шепи на животни кои беа поголеми од оние што ги има кучето. Сите сме исплашени и повнимателни, оттогаш јас не ни излегувам сама кога ќе се стемни - раскажува 30-годишна жителка на Ракотинци.

Скопско Ракотинци не е единственото место каде што владее ваков страв од волци, кои изминатиов период биле забележани и во населените места во подножјата на Осоговските и Малешевските Планини.