Војната на Евровизија не е нешто ново, но емпатијата е

По евровизиската победа на оркестарот Калуш, многу се дискутира дали оваа победа беше заслужена или повеќе резултат на емпатија. 

Песната всушност беше избрана за претставник пред да се случи нападот на Русија врз Украина и веќе беше вирален хит во само 2-3 дена. Ова се случи откако оригиналната претставничка Алина Паш мораше да се откаже од натпреварот, а Калуш беа второ место. 

Оттогаш, нивната популарност постојано се поврзува со конфликтот, а многумина сметаа дека дури и високите котирања на листите беа резултат токму на тоа. Војните не се ништо ново како тема на Евровизија, но емпатијата е. Така барем смета новинарката Мелина Борчак, која на Твитер потсети на настапот на Босна и Херцеговина во 1993 година. 

Тогаш настапи бендот Фазла, чиј предводник е Мухамед Фазловиќ, со песната „Сва бол света“. Делегацијата преку тунели и споредни диви патишта успеале да стигнат до аеродромот во Сараево, за да можат да отпатуваат до Даблин. А наместо емпатија, кога пристигнале во Ирска, ги пречекале коментари од типот „Не личиш на Мухамед“, алудирајќи на физичкиот изглед на пејачот. Тој ги прашал новинарите „Како треба да изгледа Мухамед?“

Диригентот не успеал да отпатува, па ирскиот диригент го преземал неговото место во настапот на Босна и Херцеговина, која првпат настапуваше како самостојна земја. 

„После сето тоа добивме засрамувачки малку поени, 16. место. А овојпат Украина победи. Добра е песната, но не можеме да одречеме дека имаше и многу емпатија. Тоа е добро, но не смееше да биде вака различно за Мухамед“, напиша Борчак.