Воената вежба „Предизвик 2018“ успешно реализирана на полигонот „Криволак“

На Армискиот полигин „Криволак“ денеска заврши осмата по ред билатерална воена вежба „Предизвик 2018“ што ја реализираа припадници на АРМ и Вооружените сили (ВС) на Република Словенија.

Според резултатите од боеви гаѓања на цели во воздух со лесен преносен ракетен систем (ЛПРС) „Игла С“ и боеви гаѓање на цели на земја со авионите на словенските ВС-„Pilatus PC-9M, вежбата беше оценета како упешна.

Како што соопштија од АРМ, вежбата придонесува за интероперабилноста на постапките на припадниците на АРМ од баталјонот за ПВО од воздухопловната бригада со НАТО стандардите во противвоздушната одбрана. Воедно меѓусебните активности поврзани со оваа вежба ја зајакнуваат билатералната воена соработка и се промовираат капацитетите на АП Криволак и пред останатите армии на земјите членки на НАТО за изведување на ваков вид на активности.

На денот за високи гости, на учесниците им честитаа заменик на министерот за одбрана Беким Максути, заменик на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Азим Нуредин, амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија Милан Јазбец и претставникот на ВС на Словенија бригадир Ернест Анджеј, командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал-мајор Павле Арсоски и бригадните генерали Орце Јордев и Мирче Ѓорговски.

Генералот Нуредин обраќајќи се на учесниците на вежбата им порача дека успешно прикажаните тактички вежби и прецизно погодените цели ја отсликуваат долгогодишната меѓусебна воена соработка на овие единици.