„Водовод и канализација“ со апел до скопјани: Внимателно користете ја водата деновиве

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје апелира до скопјани рационално и внимателно да ја користат водата во деновите со екстремно високи температури и особено да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање бавчи и ниви.

– Врз основа на податоците на Управата за хидрометеоролошки работи од каде се најавуваат високите температури кои деновиве ќе достигнат и над 40 целзиусови степени, како и податоците на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје за зголемена потрошувачка на водата, апелираме до граѓаните на Градот Скопје за рационално користење и употреба на водата, односно да се избегнува полевање поголеми површини и непотребно трошење на водата за време на топлите денови, велат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Оттаму, воедно, потсетуваат дека дивите приклучоци се забранети со Закон и истите се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на општината и на Градот, врз основа на што за сите утврдени иматели на див приклучок, ќе биде поткрена прекршочна постапка за сторено кривично дело.

– Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснабдувањето до сите корисници во град Скопје. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ги повикува граѓаните на одговорно однесување и регуларно поднесување на барања за водоводен приклучок доколку за тоа имаат потреба, велат од комуналното претпријатие.

Од претпријатието апелираат до граѓаните на град на град Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 023073 010, kontakt@vodovod-skopje.com.mkwww.vodovod-skopje.com.mk или преку мобилната апликација достапна за Android и iOS.