Водолии: Оригинални и секогаш искрени

Дел од нивната привлечност лежи токму во нивната неодлучност. Вие тешко можете да ги разберете и сфатите Водолиите, но тоа е затоа што тие се секогаш само свои. За нив не важат стереотипите, па затоа и не е можно да ги сместите во одреден „калап“. Тие најчесто им пркосат на социјалните правила и норми така што прават сè по свое и не сакаат кога другите им кажуваат што е добро, а што не.

Од друга страна пак, тие се хуманитарни, имаат огромно срце и секогаш се подготвени да помогнат, без разлика дали се работи за финансиска, емотивна или која било друга помош. Водолиите сакаат да напредуваат, но не сакаат промени. Силно се врзани за своето минатото и ги чуваат спомените како богатство. Не само што остануваат лојални на своите партнери, туку тие имаат и омилени брендови, ресторани и музички жанрови кои не сакаат да ги менуваат.

Љубов и секс

Животот за Водолиите е игра во која секој има свои правила. Кога станува збор за љубовта, тие ќе се погрижат оваа игра да биде особено забавна и никогаш здодевна. Но, тоа што имаат лабав поглед кон животот и љубовта, не значи и дека не се заљубуваат. Баш напротив, потребно им е време да се поврзат емотивно, со цел да можат да ѝ веруваат на оваа личност. Но, откако ќе го направат тоа, тие стануваат бескрајно лојални.

Кога се во врска, најмногу ја ценат својата независност, слобода и просторот за дишење, па затоа истите нешта им ги овозможуваат и на своите партнери. Водолиите секогаш задржуваат дел од себе кој не го откриваат дури ни на најблиските. Тие се оригинални и непредвидливи, па затоа и на своите партнери им овозможуваат уживања за кои претходно не знаеле ни дека постојат. Во спалната соба немаат кочници, обожаваат да експериментираат и сакаат да пробаат сè.

Нивните совршени партнери се: Ваги, Близнаци, Стрелци и Овни.

Пријателство

Водолиите секогаш застануваат да се поздрават, дури и со оние кои не им се толку блиски. Токму затоа и многумина ги сметаат за пријатели, тие сакаат да останат во добри односи со нив. Што се однесува до пријателите на кои им дозволуваат целосно да им се приближат, тие можат да се набројат на една рака. Тие се великодушни и секогаш го прават она што им е потребно на пријателите и затоа можете лесно да се потпрете на нив за мудри совети и утешни зборови.

Изглед

Суптилна и магична насмевка, спуштени очи, привлечен мал нос, силна вилица, дупчиња на образите, мека кожа, потемна, густа коса и грациозен став. Ова се само дел од физичките одлики на Водолиите. Во нивните очи се забележува голема живост, а често знаат да имаат и сериозен изглед на лицето. Ги краси чист и артикулиран глас и без разлика како изгледаат однадвор, однатре тие секогаш ќе уживаат и ќе бидат задоволни.

Стил

Немаат навика да ги пратат најновите трендови, но обожаваат да го носат токму спротивното од тоа што е во мода. Тие се смели и со својот ексцентричен и различен стил постојано привлекуваат внимание. Ништо чудно еден ден да ги забележите со светло розова коса, а веќе следниот да ја вратат својата природна боја и да облечат работно одело. Во нивниот шкаф секогаш има авангардни парчиња облека, со кои обожаваат да привлекуваат внимание.