Водно ќе добие велосипедски парк

Град Скопје планира да го направи Водно туристичко-рекреативен центар, а посебен акцент ќе биде ставен на велосипедизмот. За таа цел, во Програмата за општа туристичка пропаганда и за подобрување на условите за престој на туристите во град Скопје за 2019 година, се предвидени 1.200.000 денари или 20.000 евра за изработка на Студија за туристичко-рекреативен центар Водно.

– Идејата е да се изврши комплетно скенирање на планината и можностите што ги нуди за рекреација на скопјани, како и привлекување на туристи од земјата и странство. Целта на оваа студија е да се добие проект за комплетен рекреативен центар со обележани патеки за пешачење, планинарење, планински велосипедизам, екстремен велозипедизам, итн. – се наведува во Програмата.

Скопјани велат дека можностите што ги нуди планината се големи, меѓутоа недоволно експлоатирани досега. Ги поздравуваат напорите на градските власти конечно Водно со своите природни убавини да се направи рекреативен центар кој ќе ги обедини не само луѓето кои рекреативно ја искачуваат планината, туку ќе им овозможи на љубителите во велосипедизмот да можат да тренираат на обележани велопатеки.

– Посебен акцент ќе биде ставен на делот со велосипедизмот, како еден од најбрзо растечките трендови во светот. Со постојната инфраструктура (жичницата), постојат идеални услови за велосипедски парк по светски стандарди што би привлекол многу туристи од регионот, а и пошироко – се наведува во Програмата.

Исто така, во Програмата се испланирани и 300.000 денари (5.000 евра) за да се направи маркација на постоечки планинарски патеки на Водно и изработка на мапа со тежина на рути и маркација со ГПС. Станува збор за краткорочна мерка за подобрување на искуството на рекреативните планинари на Водно.

– Како позната и омилена викенд дестинација на граѓаните на Скопје, потребно е константно да се работи на подобрување на постојната понуда со цел истите да продолжат да ја посетуваат. Со бележење на патеките и нивна маркација, ќе се воведе нов стандард во рекреативното планинарење, истовремено ќе се зголеми безбедноста на посетителите на Водно – се наведува во Програмата.

cheap nike air max 90