Водич за новитетите во скопскиот градски превоз

Започна електронската наплата на билетите и во приватните автобуси на претпријатијата „Слобода превоз“ и „Мак експрес“, кои со ЈСП се дел од линискиот превоз на патници во Скопје. За патниците ова значи дека заврши времето кога во автобус плаќаат со пари, а хартиените билети на ЈСП се исфрлуваат од употреба.Превозникот е сеедно колку патници има во автобусот, затоа што колку и да се, ќе му биде платено според тоа колку километри поминал.

Автоматска локација на автобусите

Работите во системот на автоматска локација на автобусите ќе ги врши Оперативен контролен центар (ОПЦ) во состав на ЈСП, а мониторинг на системот ќе врши Градот Скопје. Плаќањето ќе се одвива така што ОПЦ ќе изготвува месечен извештај за секое возило со податоци за изминатата километража и за квалитет на работењето. Извештајот ќе се верификува во Градот, а потоа ЈСП ќе изготвува пресметка на месечниот приход на превозникот.

Од Градот потенцираат дека интегрираниот модул на јавен транспорт е точно дефиниран во поглед на следењето и регулацијата на сите учесници, со цел да се обезбеди максимално ефикасен и одржлив превоз.
Возење со е-картичка или со мобилен

Секој што сака да се вози во автобус мора да има електронски билет, кој се продава во две варијанти: персонализирана картичка со фотографија „моја скопска“ и неперсонализирана „скопска“. Kартичките може да дополнуваат разни видови билети според потребите - за 10 возења, месечен, годишен, сезонски, пензионерски, дневен итн. Ценовникот детаљно е наведен на веб-страницата на ЈСП.

Оние што ретко користат автобус или оние што не се од Скопје, за да се возат во градскиот превоз, имаат две варијанти. Едната е да платат со мобилен телефон на бројот 185 и во тој случај возењето ќе ги чини 40 денари. Втората е директно кај возачот да купат електронски билет „скопска“, кој чини 150 денари и во кој има пет гратис возења.

Kартичката „скопска“ може да се дополни најмалку со 100, а најмногу со 6.000 денари и нема ограничен период до кога треба да се потроши сумата. Билетот за едно возење чини 35 денари.

Kартичките „скопска“ може да ги користат повеќе лица, но не можат со една картичка да се возат заедно во исто време.

Автобусите веќе нема да се бркаат

Од ЈСП објаснуваат дека пресметката за наплата по извозен километар ќе се врши според формула наведена во договорот меѓу превозниците и Градот.

Оттаму додаваат дека од 1 јануари линиите на ЈСП и приватните превозници нема да се преклопуваат затоа што со единствениот возен ред се регулира поделбата на линии по превозник, како и точните времиња на поаѓање и пристигнување.

Пензионерите бесплатно и во приватните автобуси

Повластениот превоз од 1 јануари ќе важи и во приватните автобуси. Возрасните граѓани, жени постари од 62 и мажи постари од 64 години правото на бесплатен градски превоз во вторник, петок, во сабота и недела ќе го користат и во приватните автобуси.

Истото важи за студентите за кои четврток е бесплатен ден, како и за лицата со посебни потреби, кои користат повластен превоз.

Билет од 25 денари само во пакет за 10 возења

Досегашната цена во приватните автобуси од 25 денари во готово директно кај возачот повеќе нема да важи. И корисниците на приватните автобуси мора да се возат со електронските картички, при што билетот за едно возење чини 35 денари.

Патниците имаат можност и натаму да се возат по цена од 25 денари со купување повластен билет за 10 возења, кој чини 250 денари и кој се впишува на картичката, а може да се искористи во рок од 15 дена.

Ако ја изгубите „моја скопска“, не ги губите парите

Од ЈСП „Скопје“ велат дека ако некој корисник ја изгуби или оштети картичката со фотографија „моја скопска“, парите што ги имал во неа можат да се трансферираат во новоизвадената картичка.

- Тоа е можно бидејќи корисникот ги дал личните податоци во претпријатието, па лесно ќе најдат колкава сума имал во изгубената или оштетената картичка. Ова не е можно за неперсонализираните картички - информираат од ЈСП. 

cheap nike air max 90