Водечката џез хип-хоп уметница АКУА НАРУ премиерно во Скопје!

ТАКСИРАТ Фестивал годинава го одбележува своето јубилејно 20-то издание, а прославата за 20години алтернатива во Македонија стигнува и во рамки на претстојното издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „ПРВО ПА ЖЕНСКО“ кој ќе се одржува во МКЦ од 3-ти до 6-ти мај. 

Како резултат на оваа соработка на „Таксират“ и „Тиииит! Инк“, во Скопје ја пречекуваме американската пејачка со светско реноме, феноменалната АКУА НАРУ (Akua Naru). На концертот за затворање на „Прво Па Женско“, на 6-ти мај (недела) во МКЦ, за прв пат кај нас, македонската публика ќе има прилика да ја чуе во живо една од водечките женски хип-хоп вокали.

Нејзината музика претставува комбинација на хип хоп, џез и соул. Себе си се опишува како политичка хип-хоп уметница и активистка. Нејзиниот звук го споредуваат со flow-то на Раким, поетиката на Лорин Хил и, конечно, во единствената моќ да говори во име на афро-американките, со Нина Симон. Акуа храбро јо комбинира „новата“ и „старата“ школа, бранејќи ги своите ставови со уникатни метафори.

Акуа Нару зад себе има три албуми, „The Journey Aflame“, „Live and Aflame Sessions“, „The Miner’s Canary“, како и ширум светот познатите хитови „Poetry: How Does It Feel?“ и „The world is listening“. Со објавувањето на деби-албумот „…The Journey Aflame“, Нару се позиционираше на музичката сцена како пример на тоа што жените можат да бидат во хип-хоп музиката. За овој албум пишуваа многумина познати хип-хоп критичари, од Њујорк до Москва. Синглот „The World Is Listening“, продуциран заедно со JR & PH7, набрзо се најде на првото место на листата на американското колеџ радио, се вртеше по радио станиците во Франција и Германија и се продаваше по продавниците за плочи од Париз до Токио… дефинитивно светот го слушаше  „…The Journey Aflame“. Со продукција на која се потпишаа некои од најважните имиња на германскиот хип-хоп, како продукциската куќа TheDrumkidz, JR & PH7, 7inch и други, албумот го заслужи своето место во хип-хоп историјата, а Нару покажа дека нејзиниот пат не само што се вивна во врвовите, туку допрва блеснува во сиот свој сјај.

И додека светската сцена го очекува објавувањето на нејзиниот нов албум „The Blackest Joy“ закажано за 27-ми април, во рамки на истоимената турнеја со која оваа пролет таа гостува во светските метрополи, вистинска привилегија е извонредната АКУА НАРУ да ја пречекаме и во Скопје, на 6-ти мај во рамки на „Прво па женско“.

Билетите во претпродажба ќе бидат пуштени веќе утре (среда, 18-ти април) кога ќе бидат објавени и сите дополнителни информации.