Водата во Македонија има многу висок квалитет, а изворот Рашче се вбројува во првите три во Европа

Водата во Македонија има многу висок квалитет, а изворот Рашче се вбројува во првите три во Европа по квалитетот на водата за пиење, рече проф. д-р Кирил Лисичков од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје на работилницата „Управување со природни водени ресурси“.

Тој нагласи дека питката вода од изворот Рашче е сурова вода со многу добар и избалансиран состав во однос на присуството на катјони и анјони.

– Најважно е што се работи за вода која има ПХ вредност 7,35 што е многу билску до ПХ вредноста на течностите во нашиот организам. Поради тоа нашиот организам ја препознава и може да ја прими онака како што му треба – рече Лисичков.

Изворот Рашче заедно со заштитените зони има три каптажи. Најчесто, како што рече, работат изворите Рашче 1 и Рашче 2, а дополнително во летниот период се вклучува и изворот Кондово.

– За наредните 30 до 50 години Рашче има на располагање доволно вода и добри извори за задоволување на потребите на Скопје. Но, тоа не значи дека не треба да се грижиме за водата – рече Лисичков.

Поради зголемената потрошувачка на вода се работи на изнаоѓање на алтернативни извори на вода за Скопје. Еден од потенцијалните е изворот Врело кој исто има квалитетна вода и може во перспектива да се користи.