
По низата на лабораториски испитувања, водата во Гостивар доби статус на технички исправна, што значи дека граѓаните повторно можат да ја користат за капење, миење садови и други домаќински потреби, но сè уште не е дозволена за пиење и подготовка на храна.
Информацијата денеска ја соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој посочи дека анализите покажале подобрување на состојбата, но дека мерките за претпазливост остануваат.
„Во координација сме со Општината за сè што треба да се преземе понатаму. Сакам лично да изразам благодарност до гостиварчани за нивното разбирање, но и до сите експерти кои помогнаа да дојдеме до оваа фаза – техничка вода. Играње со здравјето на граѓаните нема“, изјави Тошковски.
Од стручните служби информираат дека биле земени шест примероци од различни места, а кај сите примероци во текот на три последователни дена било потврдено дека водата може да се користи како техничка.