Водата во езерото Треска е исправна - граѓаните ќе можат да се капат во него

Од општината Сарај велат дека изминатиот период работеле на тоа да се санираат инфраструктурата и реонот околу езерото, ја искосиле тревата, ги испразниле санитарните јазли, ги поправиле тушевите и го средиле уличното осветлување. Најважно, од оваа скопска општина потврдија дека водата во езерото Треска е исправна и дека граѓаните ќе можат да се капат во него, пишува Нова Македонија.

Многумина, кои во минатото многу често го посетувале скопското езеро Треска, денес се разочарани од тамошната ситуација и од условите што постојат. Повозрасните се потсетуваат дека во деновите кога езерото било вистинска атракција и се надеваат дека надлежните ќе направат нешто за подобрување на условите на оваа локација.

Со оглед на тоа дека градот и општината Сарај најавија некаков вид соработка и веќе се одвоени средства од буџетот на градот за ревитализација на езерото Треска, се очекува во следниот период да се изработи проект за ревитализација на овој градски рекреативен појас. Потенцијалот и можностите на езерото Треска, неговата околина богата со чист воздух и природа со ревитализацијата сигурно би ги вратиле скопјани на оваа локација. Останува отворено прашањето дали оваа или некои следни години повторно граѓаните на главниот град ќе имаат можност да се рекреираат, сончаат и да уживаат во убавините на Треска, а проектите да не бидат само ветувања оставени на хартија.