Водата е најсилно оружје против жештините

Луѓето кои работат или се на отворено за време на топлотните бранови, се изложени на поголема опасност од дехидрираност и затоа е важно да се пијат доволно течности. Но, колку е доволно?

Еден начин да бидете сигурни е брз тест со притискање на кожата. При благ притисок со прст, кожата со нормално количество вода и еластичност брзо ќе се врати во својата нормална положба. Лесната дехидратација ќе предизвика бавно враќање на кожата во вообичаена положба.

Сепак, постојат и други показатели дека на телото му треба вода.

– Повеќе би сакал да ја поврзам (дехидрираноста) со осетливи знаци, како летаргија, главоболки или сува уста, вели германскиот дерматолог, д-р Кристоф Либих.

Во жешките денови, советува докторот, треба да се пие повеќе од предложениот минимум литар и половина вода на ден. Водата е неговиот омилен начин на ладење, наместо други пијалаци.

Ако сте надвор за време на сончеви и топли денови, Либих вели дека е најдобро да бидете во сенка од 11 до 16 часот. Изложеноста на сонце пред и потоа ќе му помогне на телото да произведе доволно витамин Д и да го зајакне нивото на „хормонот на среќата“.

– Кремата за сончање нема да спречи производство на витамин Д, а ќе го зачува вашето здравје. Заштитата од сонце е клучна бидејќи ракот на кожата е секогаш можен, вели д-р Либих.