Во земјава за да полагаш испит на факултет мора да купиш книга, покажува анкетата

Во нашата земја, професорите сѐ уште ги условуваат студентите да купат книги за да може да одат и да полагаат испит.

Анкетата на „Мета.мк“, спроведена од Инстаграм профилот „Студентарија“ покажува дека повеќе од 30% од студентите се условувани од страна на професорите да купат книги и учебници за да добијат потпис за редовност или можност за полагање на испит.

Онлајн анкетата била спроведена  во периодот 29 до 30 јуни, годинава, а на неа одговориле над 6.100 студенти.

Според собраните податоци, најголем дел од студентите кои учествуваа во оваа анкета, односно 67,8%, студираат на УКИМ, 13,9% на УГД, 10% на УКЛО, а 8,3% на останатите државни или приватни универзитети.

Од „Мета“ потенцираат дека случајот со професорката на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, која студентите ја обвиниле дека им барала задолжително да ја купат нејзината книга лично од неа за да им ја заведе редовноста, го отворило прашањето дали и колку ваквите случаи се присутни во академската заедница.

Резултатите од анкетата покажуваат дека, иако најголем дел од универзитетските професори дозволуваат користење на скрипти и копирани учебници како материјали за предметите што ги предаваат, неретки се појавите кога студентите немаат избор и мораат да ги купуваат оригиналните авторски учебници на своите професори.