Во време кога технологијата напредува побрзо од нашата морална зрелост, младите интелектуалци можат и мораат да бидат форма на отпор - божиќно интервју со Иван Иванов

Во празнична атмосфера, во духот на Божиќ и нови почетоци, разговараме со Иван Иванов, вонреден професор на Меѓународен балкански универзитет и претседател на Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“. Во интервјуто тој зборува за улогата на младите интелектуалци во поларизирано општество, за заканите по социјалната кохезија на Балканот, за вредностите и доблестите, како и за тоа што навистина им недостасува на денешните елити.

Како денес ја дефинирате улогата на младите интелектуалци во општество кое е сè поизразено поларизирано, и каде гледате простор за нивно реално влијание, надвор од академските кругови?

Живееме во навистина интересен свет. Ентони Гиденс би го нарекол „забеган“. Свет во кој процесите што сами ги создадовме, веќе не ги контролираме целосно. Технолошката револуција нè направи побрзи, поефикасни, поповрзани од кога и да било, но да бидеме искрени, не нè направи и попродлабочени, похумани и помудри. Токму во тој јаз меѓу технолошкиот напредок и моралната зрелост се вгнездуваат и нови форми на поделба. Поларизацијата од нас направи „племиња“ наместо заедници кои прераснуваат во заробеници на табори и стравови, а не во слободоумни луѓе. Во време кога технологијата напредува побрзо од нашата морална зрелост, младите интелектуалци можат и мораат да бидат форма на отпор. А тој отпор има различни форми. Отпор кон површноста, кон нормализацијата на неправдата и отпор кон прифаќањето на духовната празнина како „нова нормалност“. Денес сè ни е на дофат, но како да уназадуваме, или еве ако сакате, стагнираме, умствено и духовно. Се отуѓуваме не само поради технологијата, туку затоа што се плашиме да не ни судат. За таа цел си создаваме комфорни и заштитни наративи во кои избегнуваме вистинска саморефлексија, свет во кој е поважно да не навредиме отколку да кажеме нешто вистинито, и во кој сите се во право, а никој не е навистина одговорен (како во социјализмот – поопштествување на одговорноста: сите сме виновни за на крај никој да не биде виновен). Кога говориме за нас, младите, жалам што морам да констатирам дека нè фатила некоја апатија и летаргија. Лесно се подаваме на конформизмот, дозволуваме медиокритетот да царува, а попатно, сето тоа дозволува продор на промискуитетни тенденции во секоја пора и сфера на живеењето. Меѓу политичките елити, внатре во самото општество, во меѓучовечки односи, поткопувајќи ги вредносните системи и круполите врз кои би требало да се темели една доблесна живеачка.

Но, како и да е, во глобални рамки, ја гледам улогата на младите интелектуалци како генератор на обновување на утописки енергии, па дури понекогаш и како негувачи на нужни илузии. Кога зборувам за нужни илузии не мислам на наивни фантазии, туку на идеи без кои општествата престануваат да се движат напред. Илузии како вербата дека светот може да биде поарен и поправеден од оној во кој живееме, дека институциите можат да имаат морална димензија, дека трудот и знаењето имаат смисла, но и дека поединецот може да остане автономен и слободен и покрај сите структури што го обликуваат. Историјата нè учи дека токму ваквите „илузии“ го туркале светот напред. Без нив реалноста станува, би рекол, самодоволна. Верувајте дека мноштво од она кое денеска го знаеме како доминантни парадигми, започнале како илузии. На некој начин илузиите нè прават слободни. Слободни да размислуваме надвор од доминантните трендови и флоскули, со цел да посегнеме по непознатото. Токму затоа улогата на младите интелектуалци не е да бидат цинични толкувачи на постојното, туку храбри сонувачи и архитекти на оној свет кој е возможен, колку и тоа да изгледа недостижно. Во духот на повикот од 68-шите: „да бидеме реални, да го бараме невозможното“. Но не смееме да дозволиме да бидеме заведени од лажни и привидни авторитети и лажни самопрогласени пророци. Револуциите, паролите и патетичните ветувања не се промена сами по себе. Македонското искуство со една квази-револуција тоа болно го потврди. Видовме процес кој ѓомити најавуваше “ослободување”, а заврши со понижување и длабоко нарушено чувство на личен и колективен интегритет и идентитет. Или едноставно кажано, опасна заблуда. Следственто на тоа, во младите интелектуалци сакам да гледам како на узурпатори на комфорот или народски кажано „раатот“ на медиокритетот и промискуитетот. Со други зборови, да престанеме да дозволуваме на површина да доаѓаат некои површни луѓе. Видете го светот околу нас. Видете кои луѓе одлучуваат за судбината на своите земји, но и на човештвото. Секоја чест на исклучоците кои за жал не се правило, туку се доживувани како „аномалии“ во некоја глобална елитистичка матрица.

Согласно тоа, да се навратам на вашето прашање, верувам дека околу нас постојат многумина млади луѓе, интелектуалци кои се прагматични, непоколебливи, за кои верувам дека еден ден ќе пројдат низ филтерот на меритократијата и ќе предводат со чесност. За жал, многумина од нив се маргинализирани. Што поради своја лична волја, што поради општеството кое ги отфрла. Предизвикот, затоа, не е во недостатокот од способни и чесни млади луѓе, туку во создавањето услови тие да престанат да бидат исклучок и да станат правило. Растејќи во семејство каде што мојот татко, како професор, верувајќи во силата на студентите и воопшто младите да бидат двигатели на општествените, културните и политичките промени, созревав со идејата дека секоја генерација има своја одговорност и своја борба. Младите, без разлика на епохата, мора да го препознаат духот на времето и да одлучат дали ќе го следат или ќе го менуваат. Или како што вели еден афоризам: „кој на млади години не е револуционер, нема срце; кој на стари години е револуционер, нема памет.“ Најчесто се цитира како афоризам на Черчил, во контекст на политичките убедувања и промената на перспективите со текот на возраста. Сепак, важно е да се напомене дека мудроста што ја изразува идејата дека младоста е време за идеализам и бунт, а зрелоста за разум и конзервативизам, се наоѓа во различни културни и историски извори, па и во македонскиот фолклор: „лудо младо“.

Но би сакал да нагласам една лична забелешка. Сакам да гледам млади луѓе кои не се само формално образовани, туку уште поважно воспитани и културни. Сè започнува од дома. Кога ме прашуваат која книга повторно би требало да ја читаме, често одговарам: бон-тонот, кој за жал исчезнува од „библиотеките“ на многумина млади. Не како форма, туку како одраз на почит, умереност и одговорност кон другиот. Тука образованието има клучна улога, но имам впечаток дека конвенционалниот образовен систем сè почесто затајува во својата воспитна функција. Постои пренос на знаење, но вредностите како да не се вградуваат. Затоа на крајот, повторно се враќаме кон домашното воспитание. Она кое некогаш се базираше на принципите, и уште поважно доблестите и личниот пример, без кои ниту едно образование не може да создаде вистински лидери. И навистина жалам што морам да констатирам, но навистина сè помалку гледам љубезни луѓе. Верувам дека човек кој знае да биде љубезен со комшијата, со продавачот, со непознатиот на улица, утре ќе знае да биде одговорен и кон заедницата што ја води. Лидерството не започнува во институциите туку во секојдневниот однос кон другиот. Љубезноста не е слабост. Токму напротив, таа е првиот тест за карактер. Оној што не го положил тој тест во маалото, тешко дека ќе го положи во институциите. Битникот Џек Керуак во една прилика нè потсети да практикуваме љубезност цел ден, кон сите, и тогаш ќе сфатиме дека веќе сме во рајот.

А што се однесува до Македонија и она што е улога на интелектуалците, односно на македонската интелигенција, не треба да е ништо поинаква од времето на Мисирков. Велам не треба да е поинаква затоа што и денес ние сè уште се соочуваме со слични бремиња и предизвици како тогаш. Мисирков прецизно заклучува: „Ни треба интелигенција со јасна свест за моралниот долг кон човекот пред неговата татковина и неговиот народ. Ни треба интелигенција морално и умствено совршена! За полза и среќа на нашата заедничка многу напатена татковина – Македонија! …Македонија мора да се ослободи од туѓите влијанија и да го пренесе центарот на преродбата внатре во неа“. Лично, верувам дека само така има иднина за нас. Само преку морално и умствено созревање и љубов кон татковината.

Како претседател на организација која се залага за дијалог меѓу цивилизациите, што сметате дека е најголемата закана за социјалната кохезија во регионот, и дали таа доаѓа повеќе од политиката, медиумите или образованието?

Меѓународниот Центар Алијанса на цивилизациите, кој годинава ќе одбележи дванаесет години од своето постоење, е директен производ на идејата за дијалог меѓу цивилизациите што започна во 2004 година во рамките на Обединетите нации, под покровителство на тогашниот генерален секретар Кофи Анан, а поддржана од Турција и Шпанија. На тој начин беше поставена основата на Алијансата на Цивилизациите при ООН. Од таму, нашиот центар е основан како платформа што таа глобална визија ја пресликува во конкретен регионален и локален контекст, односно со Балканот како фокус. Зборуваме за простор каде што историските поделби, идентитетските прашања, нетрпеливоста и недовербата често се преплетуваат. Но токму затоа, иако често гледан како периферија, овој регион нуди искуства од кои има што да се научи, особено од Македонија. Зборуваме за народ што со векови постоел на крстопат на цивилизации, религии и култури. Низ тој историски континуитет, кај нас се развил еден специфичен модел на соживот: интеграција без асимилација, односно прифаќање без бришење на различностите. Тоа не е идеализирана приказна, туку практично искуство кое покажува дека различноста не мора да биде закана. Таа едноставно може да е ресурс, но само ако се базира на искреност. Ваквите локални лекции произлезени од сложени историски контексти, преку нашата работа со центарот, веруваме дека можат да понудат релевантни одговори и за пошироките глобални предизвици со кои денес се соочува меѓуцивилизацискиот дијалог.

Токму тука доаѓаме и до суштинското прашање за заканата по социјалната кохезија. Моето искуство покажува дека таа не доаѓа од еден извор, туку од нивната меѓусебна спрега. Реалноста околу нас го потврдува тоа. Погледнете што прави политиката. Таа ја инструментализира различноста, додека пак медиумите, од друга страна, ја поедноставуваат и радикализираат, а образованието, за жал, често не успева да изгради критички и етички капацитет кај младите. Но ако морам да бидам прецизен, најголемата закана не е самата различност, туку начинот на кој се однесуваме кон неа. Со години зборуваме за толеранција, но толеранцијата е минималистичка категорија. Таа подразбира трпење, а не вистинско прифаќање. Толеранцијата лесно се претвора во рамнодушност, за да подоцна, таа иста рамнодушност прерасне во латентна нетрпеливост. Она што ни недостасува е премин кон почит. Почитта бара напор, бара саморефлексија и подготвеност да го согледаме другиот како рамноправен субјект со достоинство. Без тој премин, дијалогот останува формален со кревка кохезија. Затоа заканата по социјалната кохезија не ја гледам само во политиката, медиумите или образованието поединечно, туку во отсуството на морална храброст да се оди подалеку од празната реторика. Од толерирање кон почит. Од коегзистенција кон вистинска заедничност. Сè додека не го направиме тој исчекор, различноста ќе продолжи да се користи како средство за поделба, наместо како потенцијал за заедничка сила. Согласно тоа, нашата работа во самиот центар е насочена кон создавање одржливи платформи за дијалог меѓу политичките, верските, академските и граѓанските актери, со посебен акцент на младите, образованието и медиумите, затоа што веруваме дека социјалната кохезија не се гради само со декларации, туку преку долгорочна работа, доверба и личен ангажман. Љубопитните би ги упатил на Ибн Халдун, кој не само што го дефинирал концептот на асабија („социјален лепак“ и изворот на моќта и политичкиот авторитет во една заедница), туку изградил цела теорија на општеството околу него. Неговата анализа на тоа како социјалната кохезија се создава, функционира и распаѓа е неверојатно современа и го заслужува своето место како еден од најголемите пионери во размислувањето за општеството во светската историја, но и применливо за нашите балкански прилики.

Вашиот академски ангажман, но и лидерските програми во кои сте вклучени, се фокусираат на вредности, дијалог и институции. Колку овие концепти денес навистина допираат до младите, а колку остануваат декларативни?

Денес многу зборуваме за вредности (и нивната постојана ерозија), но уште поважно е што сè поретко зборуваме за доблести. Не ретко вредностите ги  прогласуваме, ги запишуваме во документи и стратегии, но доблестите мора да се живеат. Токму тука се појавува јазот што младите многу јасно го чувствуваат, односно, разликата меѓу она што се декларира и она што навистина се практикува. Впечатокот е дека сè почесто ги заменуваме вредностите со ставови, а ставовите пак како да ги заменуваме со трендови. Наместо длабоко вкоренети вредносни ориентации, добиваме декларативен морализам кој добро изгледа во јавност, но ретко се живее во пракса. Кај младите тоа создава оправдана скепса.  Тие чувствуваат и прават разлика кога нешто е автентично, а кога е нешто само реторика без последици. Од друга страна, денес, наместо дијалог, многу почесто преферираме дебата. Дебата во која целта не е да се разбере другиот, туку да се порази противникот. Во таа дебата не се слушаат аргументи, туку се чека ред за реплика. Тоа е култура на натпревар. Тука не станува збор за култура на разбирање. Дијалогот, пак, подразбира подготвеност да се слушне и нешто што ни е непријатно, да се прифати дека можеби не ја поседуваме целата вистина. Токму затоа дијалогот е основа на сè. И на образованието, и на демократијата, и на здравите институции. Како што истакнав на почетокот, во глобални рамки, навистина гледаме дека на површината испливуваат површни луѓе. Не затоа што се најспособни, туку затоа што најгласно зборуваат и најдобро се прилагодуваат на логиката да бидат видливи. Тоа дополнително ги поткопува институциите и ја релативизира идејата за лидерство засновано на знаење, одговорност и интегритет. Сепак, не би рекол дека младите се рамнодушни кон вредностите, дијалогот и институциите. Напротив, тие се уморни од тоа овие поими да остануваат празни зборови. Кога овие концепти се практикуваат искрено, кога се поврзани со реална одговорност и личен пример, тие имаат силна резонанца. Предизвикот, затоа, не е како да ги „објасниме“ вредностите на младите, туку како да ги живееме така што тие повторно ќе добијат смисла и тежина. Тука би се повикал на Аристотел и неговиот став дека основните човечки доблести се неопходни и за војна и за мир, и за конфликт и за компромис, и за разговор и за кавга: храброст, умереност, праведност, мудрост. Тие секогаш одат заедно и се во симбиоза во секој потфат и акција. Вистински храбриот човек е нужно и праведен, умерен и мудар, бидејќи неговата храброст произлегува од разбирлива посветеност кон доброто, емоционална контрола и правилниот суд.

Често се зборува за потребата од нова генерација лидери. Што, според вас, суштински недостасува кај денешните политички и општествени елити – визија, интегритет или храброст за непопуларни одлуки?

Не би сакал да го оптеретам ова интервју со теоретски и филозофски премиси, но би сакал да ми дозволите да направам еден токму таков осврт за да дојдам до одговорот на Вашето прашање. Би започнал со детектирање на симптомите кои го „вознемируваат“ времето во кое живееме, затоа што токму од тие симптоми, според мене, произлегува одговорот на дилемата дали на денешните елити им недостасува визија, интегритет или храброст. За таа цел ќе се послужам со неколку авторитети поумни од мене.
Канадскиот филозоф Чарлс Тејлор, во потрага по болестите што го отсликуваат модерното време, доаѓа до заклучок дека иако нашата цивилизација континуирано „еволуира“, ние, како општества и култури, доживуваме чувство на загуба и распаѓање. Како прв показател на оваа деградација, односно како прва болест, Тејлор го наведува индивидуализмот, и покрај тоа што тој претставува едно од највредните достигнувања на модерната цивилизација. Како припадници на „јас-генерацијата“, водена од „нарцизмот“, луѓето сè почесто живеат во состојба на трајна болна и тажна опсесија со самите себе, во која нема простор за емпатија, заклучува Тејлор. Овој нарцизам е често присутен и кај политичките и општествените елити ширум светот, кај кои е изразен во особено висок степен. Тие, како што утврдува Ерик Фром, не ја користат својата харизма само како средство за политички успех, туку им е неопходна целата хистерија што ги опкружува и за сопствената психичка благосостојба. Идејата за сопствената големина и непогрешливост суштински се темели врз нарцисоидна грандиозност, а не врз вистинските достигнувања на човечкото суштество, ќе поентира Фром. Мислам дека овој тип на нарцисоидни лидери заробени во сопствената потреба за признание и постојана потврда, по дефиниција избегнуваат непопуларни, но нужни одлуки. Токму тука се гледа суштинскиот проблем на современото лидерство. Не во недостигот од идеи, туку во немањето на одважност тие идеи да се претворат во одговорни, но политички ризични одлуки. Затоа проблемот не е само во недостигот од храброст, туку во отсуството на меритократски системи во кои храброста би била препознаена и заштитена. Во немеритократски средини, најхрабрите и најспособните најчесто се маргинализирани, додека пак најконформните напредуваат. Така, храброста станува исклучок, а не правило. Кога функциите се резултат на припадност, а не на способност, тогаш лидерството се сведува на управување со лојалности, а не со идеи. Во таков систем, храброста е опасна.

Таквите лидери чиј интегритет е само декларативен, наместо да ја обликуваат иднината, тие само управуваат со перцепции. Понатаму, нивната визија се сведува само на маркетинг, а храброста, за која прашувате, која самата по себе претставува ризик, или ако сакате, одговорност и подготвеност за жртва, останува најретка и најдефицитарна политичка доблест. Осврнувајќи се на губењето на херојската димензија на животот, Тејлор тврди дека луѓето повеќе немаат чувство за повисока цел, нешто за кое би вредело да се умре, односно, дека страдаат од недостаток на страст. Или она што Џони Штулиќ ќе го запраша главниот протагонист во песната „Павел“ (според многумина Коча Поповиќ): „Зборуваш за идејата, за патриотизмот на генерацијата. Дали е тоа збир на интереси на бескорисни луѓе, или нешто што вреди за затвор (робија)?“ Токму во неможноста да одговориме на тоа прашање се открива празнината на нашето време. Време во кое идеите ретко се живеат, а уште поретко се жртвуваат. Кога ваквата празнина станува доминантен дух на времето, не е изненадување што токму политичките и интелектуалните елити престануваат да бидат носители на визија и пример за лична жртва.

За појаснување, генезата на англискиот збор courage потекнува од францускиот збор coeur, што значи срце. Оттука, психологот Салман Ахтар ќе забележи дека и метафизички и традиционално „срцето“ се смета за седиште на емоциите, духот и силата на карактерот. Тој заклучува дека импликацијата на таквата етимологија е јасна: храброста ја вклучува способноста на поединецот да се соочи со тешкотиите „без ни око да му трепне“, да се осмели на иновација и да го направи она што е неопходно, без оглед на застрашувачките последици од тие дејства. Оттука, Ахтар смета дека храбриот човек не зависи од одобрувањето на другите и не му е потребна нивната согласност. Неговите сопствени набљудувања и сопственото мислење му се доволни. Затоа, само храбриот човек може да му се спротивстави на нарцизмот, на кој укажува и Фром. Ова бара морална храброст, која Ахтар ја смета за спротивност на „морален нарцизам“. Поседувањето морална храброст подразбира лојалност кон сопствените убедувања, дури и во околности во кои искреноста не само што не е поддржана, туку и се казнува, бидејќи тогаш и само тогаш, се проверува дали убедувањето е вредност или само удобна позиција. Моралната храброст се разликува од моралниот нарцизам затоа што ја унапредува способноста за објектни односи, додека нарцизмот ја уништува. Или како што самиот Ахтар ќе заклучи, моралната храброст овозможува самоизразување и автентичност, додека моралниот нарцизам, напаѓајќи ги зависните аспирации и интелектуалните желби на некого, создава лажна сублимација на самиот себе.

Сепак, Тејлор, повикувајќи се на Ниче, ќе заклучи дека се наоѓаме во состојба на „удобност достојна за сожалување“. Навистина, денешниот политички и општествен живот се претвора во она што Pink Floyd го нарекоа „удобно отупени“ (Comfortably Numb). Оваа состојба целосно ќе ја долови и истакнатиот српски филозоф Радомир Константиновиќ во своето дело „Филозофија на паланката“, објавено во 1969 година, кое до денес претставува една од најавтентичните филозофски рефлексии на просторот на поранешна Југославија. Имено, Константиновиќ ќе заклучи дека нашиот дух е „паланечки“, алудирајќи на духовната состојба на поединецот, заглавен некаде помеѓу селото и градот. Живот кој е рутински и кој чувствува сигурност токму во сигурноста што ја нуди самата рутина. Во таков свет, поединецот се плаши од непознатото и од ветувањата на поливалентноста на стиловите што се распространети во светот. И затоа мислам дека за да се стигне до каква било трансформација, односно метаморфоза, неопходно е да се избегнат препуштањето и пасивноста како две негативни дејства. Два индикатора што го отвораат прашањето дали поединецот во овој свет на глобализација е изгубен. Токму Тејлор ја согледува оваа темна страна на индивидуализмот преку фокусирањето врз самите себе, кое ја укинува длабочината и широчината на нашите животи, ја осиромашува нивната смисла и нè прави помалку заинтересирани за другите и за општеството. Доведувајќи се себеси во состојба на летаргија и краен конформизам, политичките и општествените елити стануваат сè помалку заинтересирани за општото добро и за идеалите на либералниот поредок, кои некогаш биле доживувани како врвна фаза на човечкиот живот. А притоа, егоистичката опсесија со себе води кон материјален свет во кој личната корист и акумулацијата на богатство стануваат главен предуслов за среќа. Затоа, ако морам да одговорам концизно: на денешните политички и општествени елити најмногу им недостасува храброст. Храброст што ја обединува визијата со интегритетот и ја претвора политиката од управување со себеси во служба на општото добро.

Пред неколку години за време на Иванов Школата за Млади Лидери, спроведовме анкета за тоа кого младите го препознаваат како морален лидер на денешницата. Резултатите беа зачудувачки, но истовремено искрени и многу поучни. Не стануваше збор за политички авторитети, бидејќи младите денес ретко гледаат идоли или пример за автентично лидерство кај политичарите. Како морални лидери, од страна на нашите алумнисти беа издвоени, сега веќе, покојниот папа Франциско и Новак Ѓоковиќ. Личности од сосема различни светови, но со заеднички карактеристики што младите очигледно ги вреднуваат. Папата Франциско пред сè поради неговата доследна морална позиција и едноставност во време на институционална ароганција. Воедно и поради неговата отвореност кон маргинализираните и постојаното инсистирање на човечко достоинство над догмата. Да не заборавиме дека тој се отсликуваше и со храброста да ја критикува сопствената институција и да ја става совеста пред формалната моќ. Новак Ѓоковиќ, од друга страна, беше препознаен поради неговата подготвеност да плати лична и професионална цена за сопствените уверувања, што значеше одбивање безусловно да се потчини на естаблишментот, дури и кога тоа значеше осуда, изолација или губење привилегии. Пример за тоа како интегритетот и личната совест се ставаат пред кариерата, јавното признание и сите тие аплаузи. А за тоа, треба голема храброст. Она што е особено индикативно е дека младите не ги избираат овие личности поради нивната непогрешливост, туку поради нивната автентичност. Во време на еродирани вредности и декларативен морализам, тие препознаваат морално лидерство таму каде што има доследност меѓу зборот и делото, но и онаму каде што постои подготвеност за жртва.

Како некој што потекнува од семејство со силно политичко наследство, дали чувствувате поголема одговорност да придонесувате кон јавниот дискурс и каде ја повлекувате линијата меѓу личниот ангажман и очекувањата на јавноста?

Чувствувам, да, пред сè поради тоа што следам пример кој ми оставил во наследство чист образ. Тој пример ме научи дека презимето не е само наследство и форма, туку е содржина и одговорност. Тука не зборувам за продолжување на нечие политичко патување, туку одговорност и обврска да се сочуваат принципите врз кои тоа било градено. Истите принципи кои го обликувале мојот татко во формативните години се истите оние кои јас им ги пренесувам на моите деца: да се биде чесен, искрен и вреден. Да го парафразирам Исак Њутн: новите генерации може да гледаат подалеку од своите претходници, затоа што седат на рамења на џинови. За мене, мојот татко и мајка се моите морални џинови.

Што се однесува до јавниот дискурс, има нешто што Кант го дефинира како јавна употреба на умот. Е сега, таа употреба подразбира јавна одговорност и јавна пристојност. Повторно се навраќам на почетокот на нашето интервју. На насушната потреба од пристојност и одговорност. А во тој простор не треба да се учествува по инерција. Треба да се учествува само кога се има нешто значајно да се каже. Верувам во дијалози кои продуцираат идеи, кои не робуваат на политичката коректност, дијалози кои се храбри и доследни на принципите и вредностите за кои претходно говоревме. Се обидувам да ја следам таа траекторија пред сè како обврска кон младите луѓе, моите студенти. Тие од нас очекуваат многу. Иако постои тенденција која покажува дека глобално, студентите се сè помалку љубопитни, наша обврска, како предавачи на знаење, е да ги разбудиме во нив сите тие „заспани“ аспекти. Не треба да се критикуваат само студентите, туку треба да се критикуваме и ние самите. Мораме да се прилагодиме на времето во кое живееме и на нивните потреби. Денес и без универзитетите тие може да добијат знаење. Тоа им е на само еден „клик“ оддалеченост. Но она што треба еден професор да го прави е да понуди мисловни мапи за да не се изгубиме во тоа знаење кое се бори да продре на виделина во овој свет на пост-вистина и лажни вести. Затоа, за мене, јавниот ангажман нема смисла ако не придонесува кон разјаснување. Тој треба да понуди ориентација во овој конфузен свет. Во време на пост-вистини и лажни вести, најголемата одговорност на индивидуата, дали тоа е интелектуалецот или ако сакате професорот, не е да понуди готови одговори, туку да им помогне на младите да научат како да мислат, како да разликуваат, како и што да прашуваат и како да останат верни на вистината, дури и кога таа не е удобна. Имено, една стара мудрост вели: тој што знае да се искаже е елоквенција, тој што знае кога тоа да го каже е интелигенција.

Во време на глобални кризи, конфликти и недоверба во институциите, дали верувате дека концептот на меѓуцивилизациски дијалог сè уште има реална сила или сме влезени во период на нови поделби кои тешко се премостуваат?

Ако ја погледнеме мапата на современите конфликти, тешко е да се отфрли тезата на Хантингтон. За жал, судирите што ги гледаме денес често се движат по цивилизациски линии. Но гледано низ призмата на поединецот, може едноставно да се констатира дека не станува збор единствено само за судир на цивилизации, туку за криза и судири внатре во секоја цивилизација поединечно, пред сè криза на идентитетот и на светогледот. Секоја поединечна перцепција или одделна интерпретација, без разлика дали доаѓа од верник, од лице со поинаква етничка припадност, различна култура или нација, не може да биде доволно сеопфатна во време во кое се станува глобално. Дилемата што останува е како да се прилагодат традициите и институциите од минатото на овие радикално нови околности, односно, поинаку кажано, како да се прилагоди нашиот поглед кон светот. Се соочуваме со голем предизвик, токму затоа што станува збор за човечка перцепција и за човечки мисловен процес, а не само за технолошки предизвик. Понатаму, чувство е дека постои потреба за поинаков поглед кон постојните институции што досега ја сочинувале основата на меѓународниот поредок. Тука влегуваат и процесите на глобализација и дигитална трансформација, кои, заедно со стравот и неизвесноста од непознатото, ги менуваат сите институции, од најглобалните до најлокалните. Оттука се наметнува прашањето како да се живее во свет што се менува многу побрзо отколку што можат да се менуваат институциите. Со тоа е поврзано и прашањето за одржување рамнотежа во ваков период. Затоа перцепцијата дека живееме во време на премин од една епоха во друга е многу поизразена отколку порано. Првите децении на 21-от век се одраз на ова транзициско време, кое ги преобликува сите наши претстави за тоа како функционираше светот во 20-от век. Повеќе од јасно е дека стариот свет исчезнува, а новиот сè уште не се родил, како што пред многу години заклучи Грамши. И Хесе во Степскиот Волк ќе заклучи дека постојат времиња кога цела една генерација е заробена меѓу две епохи, два начина на живот, што ништо не и доаѓа природно, бидејќи го изгубила секое чувство за моралност, сигурност и невиност. Е токму во ваквите преодни периоди, кога старите структури ја губат својата сила, се отвара простор за преиспитување, дијалог и трансформација. Во таков контекст, меѓуцивилизацискиот дијалог не ја губи својата важност, но мора суштински да се преосмисли. Тој повеќе не може да се темели на претпоставката дека постои заедничка вредносна рамка што сите однапред ја прифаќаат. Напротив, денес дијалогот мора да започне од признавањето на длабоките разлики, стравови и кризи што постојат внатре во самите цивилизации. Ако дијалогот се сфати како алатка за надминување на разликите, тогаш тој навистина е ослабен. Но ако се сфати како механизам за управување со тие разлики во услови на меѓузависност, тогаш тој ни е неопходен. Во свет во кој економиите, технологиите, климатските промени и безбедносните ризици се глобално поврзани, целосната изолација не е реална опција. Затоа, иако живееме во период на продлабочени поделби, тоа не значи дека дијалогот е невозможен, туку дека тој ќе биде потежок, понапнат и лишен од заблуди. Дијалогот денес не пропаѓа затоа што е невозможен, туку затоа што повеќе не е удобен, а политичката коректност често служи како замена за вистинска храброст да се именуваат конфликтите. Со други зборови, политичката коректност само го ублажува јазикот, но не ја решава суштината. И на крај, дијалогот едноставно пропаѓа затоа што не слушаме. Ние мораме да научиме да се слушаме едни со други. Во институциите, на улиците, во домовите, во меаните, помеѓу пријателите и противнците. Тоа е навистина голема доблест. За таа цел, посакувам годините кои доаѓаат, да се отсликуваат со повеќе храброст и верба во самите себе. Само така ќе имаме подобра држава и подобар свет за нас и за нашите поколенија.