
Технолошко-техничкиот факултет во Велес, во рамки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, успешно ја реализираше првата меѓународна научна конференција посветена на науката за храна, нутриционизмот, иновативните технологии и одржливоста.
На конференцијата учествуваа над сто научници, експерти и практичари од единаесет земји, кои споделија знаења, искуства и идеи за современите предизвици во исхраната и прехранбената индустрија.
Свои воведни обраќања имаа претставници од организациониот одбор: вонр. проф. д-р Везирка Јанкулоска, декан на ТТФ – Велес, проф. д-р Весна Антоска Книгхтс, продекан за наука и меѓународна соработка, како и вонр. проф. д-р Александар Станковиќ од Факултетот за применети науки во Ниш, Србија. Како поканети предавачи се обратија проф. д-р Јасенка Гајдош Кљусуриќ од Прехранбено-биотехнолошкиот факултет во Загреб, проф. д-р Гокхан Дурмаз од Инону Универзитет во Турција и Универзитетот во Масачусетс Амхерст, САД.
Конференцијата се одржа во неколку тематски сесии посветени на науката за храна, функционална и нова храна, нутриционизам и хронични болести, квалитет и безбедност на храна, микробиолошки и биохемиски анализи, иновативни технологии, како и теми поврзани со одржливоста и животната средина.

Настанот се одржа на 3 октомври 2025 година, а во рамки на конференцијата беше издадена Книга на апстракти, додека е во подготовка и Зборник на трудови. Презентираните трудови и дискусиите отворија нови хоризонти за научна соработка, со фокус на создавање поодржлив, побезбеден и поздрав прехранбен систем.
Организаторите оценија дека конференцијата претставува значаен чекор во поврзувањето на науката и индустријата, како и инспирација за идните генерации истражувачи и стручњаци во областа на прехранбената технологија и нутриционизмот.