Во туѓина со насмевка на лицето ми ја пеат „Македонско девојче” - зошто другите да не сакаат повеќе од нас самите?

Решив да свртам грб. Како одеа деновите напред така сфаќав дека животот станува се потежок и потежок. Нема да жалам и да кукам, си велам. Јас не сум таква, јас сум борец. Се борец цел живот, кој воопшто не беше нежен кон мене. Повеќе падови, отколку искачувања.

Го земав пасошот и големиот куфер. Решив да бидам странец, дојденец. Да прифатам нова култура, нов јазик. Но, никогаш не заборавив од каде ми се корените.

Иако како дипломиран инженер, работев како собарка во еден хотел, и тоа по 12 часа на ден, само еден слободен ден во неделата ( така по моја желба, инаку се работи по 8 часа, без сабота) јас се чувствував исполнета.

Сите кога ќе ме прашаа од каде доаѓав секогаш кажував Македонија, од Скопје.

-“Ах се познава дека си Македонка. Колку си културна и мила. Такви сте вие Македонците”, ми рече една од сопственичките на хотелот каде што работев.

Колеги имав од секаде. Им беше интересно, да им зборувам на македонски јазик. За кратко почнаа да ме поздравуваат со “добро утро”, “добра ноќ”...

Еден ден не известија дека треба да пристигнат почесни гости во хотелот и малку повеќе да внимаваме. Тоа беше некоја делегација од Нов Зеланд.

Додека си ја вршев својата работа, во ходникот од хотелот се сретнав со нив. Културно само ги поздравив. Од каде доаѓаш, ме прашаа. Од Македонија, одговорив со блага насмевка на лицето.

-Аааа... “Македонско девојче”... Бев изненадена...

Некој доаѓа од крај на светот, а мене ми ја пее “Македонско девојче”...

-Добри сте вие Македонците. Убава е Македонија. Го сакам тој племенит народ. Сакам да го посетам Скопје и Охрид, се надовржа на муабетот.

Зошто имаше толку омраза помеѓу нас? Зошто другите да не сакаат повеќе од нас самите?

Дојде време за годишниот одмор. Се знае. Се враќам во родната земја. Во мојата Македонија, во моето Скопје. Некако одам еден чекор напред, а се враќам два назад. Тука сум странец, а таму сум дома. Но, зошто се чувствувам така. Како нешто да ме притиска. Знам што ќе ме чека. Но, јас ќе бидам оптимист.

И после неколку месеци, Скопје е исто. Се е исто. И, да. Јас не сум од центар на Скопје, јас сум од периферијата. Онаму каде има воздух. И како да добредојде го испив првото турско кафе, онаа вистинско кафе, вкус кој и веќе го заборавив. Миризбата на печениот леб од рацете на мајка ми, се ширеше многу далеку. Едвај чекав да го стават на маса. Сиренце, домашен домат од градината на тато...

-А да испиеме по една домашна, жолта, лозова, вели татко ми. Да испиеме...

Сакав да се видам со најблиските, со родните, со пријателите. Да се потсетам на убавите времиња, иако искрено тешкиот живот, кој го имав 30 години, и не остави многу убав времиња за паметење, но ајде...

Знаете ли како бев пречекана, како бев гледана? Како вреќа пари која си го наредила животот и која нема мака, независно од трудот, жртвата и се она што сум вложила за да го достигнам нивото на кое се наоѓам.

-Убаво ти е на тебе. Ти немаш гајле. Што да кажеме ние, сиротите. Никој не мисли на нас... – Е ова беа муабетите на секој втор што ќе ме сретнеше.

-Ако ви е убаво во странство, што се враќате во Македонија, ова го добив од личноста со која израснав. Од личноста која ја сметав за повеќе од другар.

Јас со ништо не се истакнав над нив. Бев истата онаа, која што тие ме знае. Гардеробата на мене не беше онаа иста, онаа стара. Се друго бев јас...

Јас никогаш не сум заборавила од каде доаѓам, од тоа каков ми беше претходно животот, ниту па се срамам од сопственото потекло. Секогаш со радост зборувам за убавините на Македонија, кои се моја гордост и причина за многу мои колеги да ја посетат Македонија кои исто така се фасцинирале.

Одморот го завршив порано, не можев да ја гледам таа негативна енергија која ме умори, наместо да ме одмори.

Збогум моја мила татковино! Збогум мое Скопје.