„Во Тинекс фрижидерите служат за украс“, компанијата ги исклучи ладилниците и ги зголеми цените на производите

Исклучени ладилници за пијалоци и зголемени цени на месните производи кои неопходно е да се чуваат на ладно. Ваква состојба затекнаа граѓаните изминатите неколку денови во маркетите на Тинекс. 

- Алкохолот, соковите и водата се топли бидејќи фрижидерите се исклучени, а продавачите велат дека таква „наредба“ добиле од владата, додека пак кај месото цената е за 100 денари повисока од другите маркети со изговор дека така ги покривале трошоците за високата цена на електричната енергија. Ова во изјава за Скопје Инфо го раскажува скопјанец, кој деновиве пазарел во маркетите на компанијата.

Но, не е само тој. Неколкумина граѓани изминатите денови испратија писмена реакција до редакцијата на Скопје Инфо за тоа што се случува во еден од најголемите маркети во државата. 

Дека состојбата е таква говорат и низа твитови на социјалните мрежи:

Тинекс во К4 фрижидерот со пијалоците беше изгаснат скроз. Сѐ внатре беше топло, вели еден од твитерџиите и апелира до граѓаните да внимаваат кога купуваат расипливи производи, бидејќи тие се чуваат на топло и на високи температури. 

Но, дали навистина Владата донела одлука за исклучување на фрижидерите? 

Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски минатата недела на прес-конференција информираа за сет на препораки мерки и задолженија за заштеда на електрична и топлинска енергија кои што на денешната седница ги усвои Владата на предлог на Министерството за економија.

Во делот за препораките до бизнис заедницата, Министерот за економија, Крешник Бектеши препорача до приватниот сектор да се исклучи декоративното осветлување, да не се користи осветлување за внатрешните простории и халите, греење и ладење: во производните објекти, хали и канцеларии  во сезона на ладење температурата на климатизерите да се подесува не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, да се исклучуваат сите компјутери по завршувањето на работата со него и низа други мерки. Но, никаде во препораките не се споменува исклучување на фрижидерите и зголемување на цените. 

Колкави се приходите на Тинекс Маркетите? 

Над 710 милиони евра се приходите од продажба на најголемите осум ланци супермаркети во Македонија во 2021 година. Нивната продажба лани во споредба со 2020 година е зголемена за 4 отсто односно за 28 милиони евра. Конкретно, Тинекс маркетите минатата година оствариле приходи во висина од 102,6 милиони евра и втор по висината на приходи веднаш после Кам Маркетите.  Профитот на компанијата минатата година бил цели 2,6 милиони евра.