Во тек јавениот повик за субвенционирање за купување електрични тротинети

Се уште е во тек јавениот повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување електрични тротинети за 2018 година.

Како што информираат од Град Скопје јавниот повик ги опфаќа сите граѓани (жители) на Град Скопје кои ќе купат електричен тротинет од денот на објавувањето на јавниот повик заклучно со 10.12.2018 година.

Со овој повик се предвидува Град Скопје да надомести дел од средствата за набавка во износ од 50% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“. Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања, се до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена кој изнесува 1.090.000 денари.

Од Градот додаваат дека оваа е една од бројните мерки кои Градот Скопје ги превзема во насока на промоцијата на мобилностa и алтернативните начини на превоз. Годинава беа доделени 3.119 субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди, додека средствата за набавка на електрични тротинети се обезбедени со пренамена на средствата за набавка на адаптирани велосипеди за лица со посебни потреби, каде граѓаните покажаа мал интерес.