Во тек е Јавниот повик за ангажирање на членови во Комисија за унапредување на правата на пациентите на Град Скопје

Согласно со Законот за заштита на правата на пациентите, Градот Скопје формира постојана Комисија за унапредување на правата на пациентите, во согласност со прописите од областа на локалната самоуправа.

За таа цел, Град Скопје распиша Јавен повик за ангажирање членови во Комисијата за унапредување на правата на пациентите. Комисијата се состои од единаесет члена, и тоа: двајца претставници на пациентите – членови на здруженијата на пациентите, двајца претставници од здруженија што се занимаваат со човековите права и граѓанските иницијативи, еден претставник од здружение кое се занимава со правата на жените, еден претставник од здруженијата за заштита на правата на лицата со попреченост, двајца лекари од општините и тројца членови делегирани од Советот на Град Скопје.

Мандатот на членовите на комисијата е две години, со право на уште еден последователен избор. Работни обврски на членовите на комисијата:

- Редовно и активно учество на средбите на комисијата;

- Подготовка и спроведување на План за работа на комисијата со временска рамка; - Подготовка на Деловник за работа на комисијата, како и други акти;

- Следење и проценка на состојбата со заштитата на правата на пациентите;

- Разгледување поплаки на пациентите и предлагање мерки за подобрување на заштитата на правата на пациентите до надлежните органи;

- Подготвување и издавање извештај за заштитата на правата на пациентите, пред Советот на Градот Скопје,

- Подготвување информации, промотивен и друг материјал со цел унапредување на правата на пациентите;

- Реализација на други активности за унапредување на правата на пациентите и нивната заштита.

На огласот можат да се пријават граѓански организации кои треба да номинираат по еден свој претставник за член во комисијата, каде што организациите треба да се занимаваат со прашања од областите на правата на пациенти, човековите права и граѓански иницијативи, правата на жените и заштита на правата на лицата со попреченост.

На огласот можат да се пријават и поединци, кои се лекари по професија или од други професии. Оценувањето на пристигнатите предлози ќе го врши Комисијата за верификација за мандатни прашања, за признанија, претставки и поплаки, при што доставува предлог до Советот на Град Скопје.

Крајниот рок за поднесување на пријавите е 13.05.2022 година, до 16:00 часот. Пријавите со целокупната скенирана документација се доставуваат по електронска пошта, на адреса: pravanapacienti@skopje.gov.mk (со назнака во предмет – Пријава на оглас).